27.05.2026 Скопје
Од денес, граѓаните кои поседуваат возачка дозвола од категорија „Б“ за автомобил имаат право да возат мотоцикли со автоматски менувач од категорија „А1“ со работна зафатнина на моторот од 125 м3 и чија моќност на моторот не надминува 11 KW. Ова доаѓа по стапувањето во сила на измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Законодавните измени беа подготвени и поднесени од пратеничката група на Движењето ЗНАМ со поддршка од мнозинството пратеници, а на 8 април годинава беа изгласани со огромно мнозинство во парламентот. Во меѓувреме, во тек беа административните постапки за Правилникот подготвен од Министерството за внатрешни работи, со чие објавување во Службен весник денес, законските измени ќе стапат во сила.
Законот предвидува дека во Македонија, возач кој поседува возачка дозвола од категорија „Б“ ќе има право да управува со мотоцикли со автоматски менувач од категорија „А1“ по наполнување на 23 години и поседување важечка возачка дозвола од категорија „Б“ најмалку 5 години и поседување потврда за посетување на четиричасовен теоретски курс за обука.
Подготвено од А.Ѓ.