12.05.2026 Скопје
Овогодинешниот натпревар за песна на Евровизија започнува вечерва во Виена, во услови на зголемени тензии и најавени протести поради учеството на Израел, додека пет земји го бојкотираа натпреварот поради израелските напади и акции во Појасот Газа.
Неколку часа пред првото полуфинале, на кое ќе настапи и израелски претставник, во центарот на Виена е планиран протест на пропалестинските демонстранти, а полицијата најави зголемени безбедносни мерки во текот на целата недела од натпреварувањето.
Градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, изјави дека властите нема да дозволат да бидат „натерани да молчат“, коментирајќи ги протестите на пропалестинските активисти за време на концертот на кој зборуваше минатата недела.
„Ќе бидат потребни обемни безбедносни мерки, што ќе подразбира значителни трошоци, но сепак ќе одржиме фестивал на заедништво“, рече Лудвиг.
Копретседателката на Амнести Интернешнл во Австрија, Шура Хашеми, ги критикуваше изјавите на градоначалникот, нарекувајќи ги „неприфатливи, неточни и поларизирачки“ кон мирните демонстранти.
Неколку собири се планирани во текот на целата недела, а полицијата проценува дека на поединечни протести би можеле да се соберат до 3.000 луѓе.
Војната во Газа и учеството на Израел предизвикаа сериозни поделби во рамките на натпреварувањето по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе, претежно цивили, додека последователната израелска воена операција одзеде повеќе од 72.000 палестински животи.
Овогодинешниот израелски претставник, Ноам Бетам, доби официјално предупредување од организаторите во саботата откако објави видеа на социјалните мрежи во кои ја повикува публиката да гласа за него максимум десет пати.
Директорот на натпреварот, Мартин Грин, изјави дека организаторите сакаат враќање на земјите што го бојкотираат овогодинешното издание.
„Тие се дел од нашето семејство и ни недостигаат“, рече Грин, додавајќи дека продолжуваат дискусиите за да се најде начин тие да се вратат на натпреварувањата.
Јавните радиодифузери во Шпанија, Холандија, Ирска, Исланд и Словенија го бојкотираат овогодинешниот натпревар за песна на Евровизија, со што бројот на учесници е намален на 35, што е најнизок број од 2003 година.
Организаторите проценуваат дека ова би можело да доведе до пад на гледаноста на натпреварот, кој минатата година го гледале околу 166 милиони луѓе ширум светот.
Подготвено од А.Ѓ.