20.08.2026 Скопје
Речиси 40 проценти од новата музика објавена низ целиот свет во јули 2026 година е создадена со учество на вештачка интелигенција (ВИ), според ново истражување на платформата SubmitHab.
Оваа онлајн платформа, каде што музичарите можат да ги понудат своите песни на музички плејлисти и блогови, анализирала повеќе од милион музички нумери.
Нивната алатка за детекција на вештачка интелигенција „SH Labs“ покажа дека 23,2 проценти од анализираните песни се целосно генерирани со помош на вештачка интелигенција.
Дополнителни 15,3 проценти од песните содржеле елементи на звук генериран од вештачка интелигенција кои потоа биле „изменети или обработени“.
Ова значи дека вкупно 38,5 проценти од музиката објавена во текот на јули е создадена со одреден степен на вклучување на вештачка интелигенција.
„SubmitHab“ беше лансиран од SH Labs претходно ова лето, со цел да се истакне она што го нарекува „растечки проблем со транспарентноста“ кога станува збор за употребата на вештачка интелигенција во музиката.
Алатката веќе се користи на платформите Bandcamp и Traxsource, како и во организацијата за колективно управување GEMA.
Основачот на SubmitHub, Џејсон Грискоф, рече дека транспарентноста треба да биде начин за справување со употребата на вештачка интелигенција во музиката, за слушателите сами да можат да одлучат дали сакаат да слушаат музика создадена со помош на вештачка интелигенција.
Најновите податоци доаѓаат откако стриминг услугата Deezer објави дека песните со вештачка интелигенција учествувале со повеќе од половина од сите нови дневни изданија на платформата во јуни.
Во исто време, една студија од 2025 година покажа дека 97 проценти од луѓето „не можат да разликуваат вистинска музика од онаа создадена од вештачка интелигенција“.
Некои компании веќе почнаа да воведуваат мерки за препознавање или ограничување на музиката со вештачка интелигенција.
„Бендкемп“ ја забрани музиката создадена целосно со помош на вештачка интелигенција на почетокот на 2026 година, додека „Спотифај“ го најави воведувањето на етикетата „AI Persona“ на профилите на индивидуалните уметници, за слушателите да можат да ја препознаат музиката создадена со вештачка интелигенција.
Таа иницијатива е предвидена да започне во септември.
Голем број познати музичари, вклучувајќи ги Кејт Буш и гитаристот на „Queen“, Брајан Меј, ја критикуваа употребата на нивните дела за тренирање системи со вештачка интелигенција без дозвола, предупредувајќи дека таквата практика би можела да им ја загрози егзистенцијата на уметниците.
Подготвено од А.Ѓ.