12.05.2026 Скопје
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го блокираше законот со кој ќе се укинеа договорите од Осло, дозволувајќи проширување на израелските населби низ целиот Западен Брег, вклучително и областите под палестинска контрола.
Според неименуван израелски функционер, министерскиот комитет за законодавство одлучил да не го поддржи предлогот на пратеникот Лимор Сон Хар-Мелех од крајно десничарската партија „Оцма Јехудит“, по директна наредба на Нетанјаху.
Според истиот извор, секретарот на израелскиот кабинет Јоси Фукс им рекол на министрите дека таков закон „бара координација и соработка со Американците“.
Предложениот закон наводно имал за цел да ги укине договорите од Осло, кои беа потпишани во 1990-тите меѓу Израел и Организацијата за ослободување на Палестина, со посредство на САД.
Овие договори ја воспоставија Палестинската самоуправа и ја дефинираа поделбата на контролата врз делови од Западниот Брег.
Во официјалното соопштение од состанокот на комисијата се наведува дека понатамошната дискусија за ова прашање е одложена сè додека премиерот не го одобри предлогот повторно да се стави на дневен ред.
Во исто време, министрите поддржаа уште два предлог-закона од владејачката коалиција, кои предвидуваат забрзана постапка за планирање нови населби, како и можност владата да ги заобиколи стандардните дозволи за нивна изградба во случаи од национален стратешки интерес.
Подготвено од А.Ѓ.