08.05.2026 Скопје
Околу шест милиони луѓе во Сомалија се соочуваат со сериозна криза на неухранетост и итно им е потребна дополнителна финансиска помош, предупреди во петок Светската програма за храна на Обединетите нации, истакнувајќи дека без ново финансирање би можела да биде принудена да ја суспендира хуманитарната поддршка од јули.
Според соопштението, поради сушата што уништила посеви и добиток, како и тековните конфликти, луѓето во Сомалија се доведени до опасни нивоа на глад, додека хуманитарната помош се намалува, а недостигот се влошува поради американско-израелскиот конфликт во Иран.
Еден од тројца жители се соочува со акутен глад, додека 1,9 милиони деца се акутно неухранети, се вели во извештајот.
„Сомалија се соочува со навистина сериозна криза со неухранетост и е едно од најголемите жаришта на неухранетост во светот“, изјави за новинарите Метју Холингворт, помошник извршен директор на ОН за програмски операции.
Земјата се соочува со повеќе активни конфликти, вклучувајќи го и долготрајното исламистичко востание на милитантите од групата Ал-Шабаб против федералните власти, како и политички спорови меѓу Могадишу и регионалните држави околу власта и безбедноста.
Слични предупредувачки знаци беа присутни во 2022 година, кога земјата беше на работ на глад по продолжена суша, а според соопштението, разликата е во тоа што агенциите за помош овој пат немаат ресурси да реагираат во голем обем.
„Агенцијата, која е одговорна за 90 проценти од помошта за безбедност на храната во Сомалија, мораше да го намали бројот на луѓе на кои може да им помогне од два милиони на 500.000“, рече Холингворт, додавајќи дека „можеби ќе биде принудена целосно да престане да испорачува помош до јули поради намалување на финансирањето“.
Светската програма за храна на ОН и поширокиот хуманитарен сектор, исто така, се соочуваат со недостиг на помош, при што испораките на храна подготвена за употреба се одложуваат до 40 дена поради прекини во синџирот на снабдување предизвикани од војната на Блискиот Исток.
Подготвено од А.Ѓ.