EU

08.05.2026 Скопје

Можни разговори меѓу лидерите на Европската унија и рускиот претседател Владимир Путин би можеле да бидат разгледани на следниот самит на Европскиот совет во јуни, објавија руските медиуми, повикувајќи се на извор во Европскиот совет. Состанокот на Европскиот совет е закажан за 18 и 19 јуни во Брисел.

„Украина ќе биде дискутирана на следниот состанок на Европскиот совет, како што беше случај и на претходните состаноци“, рече изворот, одговарајќи на прашањето дали темата за можни разговори со рускиот претседател би можела да биде на дневен ред.

Прашањето за можен дијалог со Москва се отвора повторно во време кога европските кругови дискутираат за улогата на ЕУ во евентуален дипломатски процес во врска со украинската криза. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, претходно посочи дека има простор ЕУ да се подготви за потенцијални разговори со Путин, додека Брисел нагласува дека за Украина не може да се одлучи без Киев.

Кремљ, исто така, соопшти дека рускиот претседател е подготвен за разговори со сите страни, вклучително и со Европската Унија, но дека Москва нема да биде првата што ќе иницира обновување на контактите со Брисел.

Политикологот Александар Камкин претходно оцени дека какви било преговори меѓу Русија и Европа ќе зависат првенствено од ставот што ќе го заземе европската страна. Според него, постои простор за дијалог, но неговиот обем и формат ќе зависат од подготвеноста на Брисел да го преиспита својот претходен пристап кон Москва.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author