pari-plata-denari-

16.04.2026 Скопје

Во пораст е пазарот на краткорочно издавање, илјадници станови се нудат преку онлајн платформи и социјални мрежи без да се плаќаат даноци и туристички давачки. Според анализите на агенциите за недвижности, во Скопје, во моментов се нудат повеќе од 2.000 станови за краткорочно издавање, додека на ниво на државата, бројката се движи меѓу 6.000 и 9.000 објекти. Освен во главниот град, најголема концентрација има во Охрид, но значителен број станови се издаваат и во Маврово, Крушево и во Струга.

Цените варираат зависно од локацијата и понудата – стан во центарот на Скопје за две лица достигнува 60 до 70 евра од ноќ, додека апартмани во туристичките центри за празници се изнајмуваат и за по неколку стотици евра за неколкудневен престој. Во другите населби што гравитираат кон центарот на градот, ноќевањата се движат околу 50 евра, додека дел од огласите нудат и краткотраен престој од неколку часа за пониски суми.

Сепак, најголем проблем претставува фактот што значителен дел од издавачите не се регистрирани. Процените покажуваат дека меѓу 30 и 60 проценти од огласите се во сивата зона – без пријавени приходи и без платени давачки кон државата. Во туристичките центри, овој процент е уште повисок.

Граѓаните реагираат дека станови се издаваат јавно преку платформи како „Пазар 3“ и социјални мрежи, а од Управата за јавни приходи признаваат дека немаат механизам како да ги натераат сопствениците на становите што ги изнајмуваат да ги исполнуваат законските обврски. Дел од издавачите плаќаат провизии кон меѓународните платформи, но не и данок кон државата која губи значителни приходи – не само од персонален данок, туку и од туристичка такса и други давачки. Според неофицијални информации, процените се дека станува збор за милионски суми на годишно ниво.

Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, информира дека институцијата веќе работи на мерки за справување со проблемот.

Ќе се обидеме да најдеме начин – овие лица се наша целна група, согласно со планот што го подготвуваме. Една од мерките ќе биде користење податоци од трети страни, односно од дигиталните платформи, што веќе се применува во други земји преку договори за размена на информации – изјави Петрова.

Таа нагласи дека сивата економија во овој сегмент е комплексен предизвик и бара координирана акција на повеќе институции.

Немаме законско овластување да влеземе во приватен стан, но постојат други органи кои можат да постапуваат. Репресивните мерки се последна опција – прво ќе се фокусираме на идентификација и на информирање на издавачите, а потоа и на други чекори – додаде Петрова.

Подготвено од М.Д.

About Author