08.04.2026 Скопје
Нови мерки за контрола на цените на прехранбените производи ќе има по велигденските празници. Мерките како што се намалување на ДДВ и на профитната маржа ќе бидат насочени за одредени целни групи граѓани и за основните прехранбени производи. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски и рече дека не очекува инфлацијата за март да биде повисока од 5 отсто. Но, според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија, инфлацијата во март ќе биде многу повисока и ќе се движи околу 15 отсто, бидејќи Владата задоцнила со мерките за цените. И економските експерти прогнозираат дека инфлација во март ќе биде околу 10 отсто и дека проекцијата од 2,5 отсто ќе остане само на хартија.
Со корекциите што ги направивме и со овие почетни мерки за намалување на ДДВ и можноста да се намали акцизата, ние ги преполовивме можностите за двојно поголема инфлација од онаа што се очекуваше и според меѓународни финансиски институции. Па ние, врз основа на нашите пресметки, очекуваме инфлацијата да се движи меѓу четири и пол и пет проценти во март. Ќе имаме засилување. Тоа засилување беше видливо во втората половина од март. Ќе правиме анализи и се разбира дека ќе донесеме одлука како и што ќе правиме понатаму – рече премиерот Мицкоски.
Премиерот повтори дека не смее да се носат одлуки под притисок, туку паметно и мудро бидејќи, како што истакна, никој не знае колку долго ќе трае целата оваа криза.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека нема да предлагаат решенија за надминување на кризата, бидејќи за нив доволен доказ е вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошница, која треба да ѝ покаже на Владата дека животот многу брзо поскапува.
Во првите три месеци, таа поскапи за 2.500 денари, во јануари за 1.000 денари, во февруари за околу 1.000 денари и во март за околу 500 денари. Законското усогласување на минималната плата од 1.600 денари не е доволно, затоа што недостигаат 2.500 денари во секое семејство за да си ги овозможи само основните прехранбени производи. За жал, Владата наместо да го „таргетира“ проблемот со високите цени и ниските плати, со својата кошничка сака да ни укаже на сите дека може да се живее со 13 отсто помалку. Тоа што сите нè загрижува е фактот дека цените на енергенсите, конкретно на нафтата, од почетокот на годинава се зголемени за 40 отсто. Тие уште како ќе се рефлектираат врз прехранбените производи во наредниот период. Сметаме дека сè што прави Владата – моментално намалување на акцизите, ДДВ, евентуалното ограничување на маржите на основните производи треба да биде во насока на заштита на куповната моќ на работниците. Но, работниците имаат помалку приходи од тоа што е потребно само да ја покријат досегашната загуба на својата куповна моќ. Секоја мерка е добредојдена, но таа требаше да се случи вчера затоа што денес веќе е доцна – рече Трендафилов.
Според него, Владата треба да го заштити нивниот животен стандард не само преку донесување мерки туку и преку зголемување на нивните плати за да ја вратат загубената куповна моќ и да им овозможи достоинствен живот.
За жал, парцијалните решенија што ги презедовме со потпишување договор за зголемување на платите во одредени сектори, не доведоа до зголемување на платите на сите работници. Има одредени поместувања во нагорна линија, но тоа што загрижува е што минималната плата, која беше основа за зголемување на сите плати, остана само на законското усогласување. Ако сега не им покаже оваа состојба на креаторите на политиките дека е потребно зголемување на платите, дека само на тој начин може да се врати куповната моќ, тогаш евентуалното зголемување на цените поради зголемување на нафтата во наредниот период ќе значи уште поголемо осиромашување на народот – посочи претседателот на ССМ.
Според него, во март инфлацијата кај најсиромашните, оние со минимална плата, а тоа се околу 50 отсто од граѓаните, нема да изнесува 5 отсто, туку 15 отсто, затоа што тие ги трошат парите за основните производи. И намалувањето на потрошувачката кошница за 13 отсто не значи дека овие луѓе ќе имаат помалку трошоци, напротив трошоците ќе бидат исти, бидејќи инфлацијата е далеку повисока од планираната.
И опозициската СДСМ предупреди на сериозен ценовен шок и растот на трошоците за живот, обвинувајќи ја Владата дека доцни со навремени и ефикасни мерки за справување со економската криза.
Според економистите, инфлацијата е далеку повисока од планираната и тоа ќе предизвика поместување на другите економски прогнози, пред сè за животниот стандард мерен преку растот на БДП. За да се амортизира ударот, тие сметаат дека ќе мора да се донесат дополнителни целни мерки за најсиромашните.
Подготвено од М.Д.