Screenshot_22-4-2025_121621_www.facebook.com_

08.04.2026 Скопје

Фактот што колективниот договор (за култура) е истечен веќе четири години е сериозен институционален проблем. Овој застој не е резултат на недостиг на волја од моја страна, туку на однесувањето на раководството на СКРМ, кое наместо конструктивен дијалог, избра конфронтација и создавање кризи. Дополнително, нивното јавно пласирање информации поврзани со судски процеси пред тие да бидат донесени претставува сериозен обид за притисок врз независноста на судството и создава неприфатлив преседан. Поднесените иницијативи пред Уставниот суд се дел од демократскиот и институционален процес. Уставниот суд е единствено надлежен да ја оценува уставноста на правните акти, а не синдикалните раководства што се обидуваат да преземат таква улога – вели во обраќањето до јавноста министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како реакција на нападите од страна на Синдикатот на културните работници на Македонија дека, како министер, ги крши работничките права преку непочитување и евентуално укинување на колективните договори.

Според министерот Љутков, доколку дојде до поништување на Колективниот договор (за култура), тоа ќе биде директна и неизбежна последица на долготрајниот застој, систематското одбивање за дијалог и институционалниот притисок од страна на раководството на СКРМ.

Јас лично се надевам дека нема да дојде до таков исход, но фактите јасно покажуваат дека Колективниот договор повеќепати е оспоруван пред Уставниот суд, како директен резултат на нивниот пристап, кој наместо решение, произведува блокади и нови проблеми. Синдикалните организации мора да ѝ се вратат на својата основна функција; заштита на правата на работниците и да се воздржат од политичко дејствување, притисоци врз институции и мешање во процеси што не се во нивна надлежност – посочува Љутков.

Синдикатот за култура минатиот месец објави дека поднел кривична пријава против него за, како што велат оттаму, злоупотреба на службената положба и овластување и повреда на права од работниот однос. Според наводите во пријавата, „министерот Зоран Љутков во текот на 2025 свесно и спротивно на закон носел упатства и давал насоки за пресметка на платите на вработените во културата, со што незаконски воспоставил нова методологија за пресметка на платите. Со ваквите постапки, министерот директно ги дерогирал Општиот колективен договор за јавниот сектор и колективните права на вработените и свесно ги ограничил нивните законски права од работниот однос“?!

Од Синдикатот, во едно од телевизиските гостувања, посочија дека тие имаат право да ги уживаат подобрите права од двата колективни договори, но, како што велат, од Министерството не мислат така.

Министерот Љутков тогаш накратко ја појасни хронологијата на настаните.

Во државава се применува Општиот колективен договор за јавниот сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор во кој е уредена пресметката на платата. Општиот колективен договор, пак, предвидел покачување на платите во јавниот сектор за 10 % од септември 2023 година. Во таа смисла, заради усогласување, од страна на Министерството за култура било понудено склучување анекс на Колективниот договор, што Синдикатот го одбил – посочи, меѓу другото, министерот Љутков.

Прашањето за финансиските импликации не е негирање на права, туку прашање на одговорно и одржливо управување со јавните финансии. Секој колективен договор мора да биде реален, спроведлив и во согласност со буџетските можности. Зголемениот буџет за култура е конкретен доказ за мојата посветеност како министер кон подобрување на условите во културниот сектор, преку мерки и политики, а не преку празни декларации. Потребно е враќање на професионалниот дијалог и прекин на политичките манипулации. Културата заслужува стабилност, институционална зрелост и партнерство, а не притисоци и лажни наративи – посочува Љутков.

Подготвено од М.Д.

About Author