30.03.2026 Скопје
Претседателот Доналд Трамп вели дека САД победуваат во војната со Иран, иако илјадници дополнителни американски војници се распоредуваат на Блискиот Исток.
Додека војната влезе во својот втор месец во саботата, склоноста на Трамп кон разубавувања, претерувања и невистини се става на тест во средина каде што влоговите се многу повисоки од оние во еден изолиран политички судир. Претседател кој одамна прифаќа блефирање за да ги обликува наративите и да го насочи вниманието, сега се соочува со непредвидливоста на војната.
Трамп ги напаѓаше другите земји што не им помагаат на САД, за подоцна да каже дека нивната помош не му треба. Двапати ги одложи роковите за Иран повторно да го отвори Ормускиот Теснец. Истовремено се закануваше и дека ќе ги „збрише“ иранските енергетски постројки ако виталниот морски премин остане во голема мера затворен, а и тврдеше дека САД „не се погодени“ од затворањето.
Во еден момент овој месец, Трамп рече дека еден од неговите претходници, за кого силно сугерираше дека бил демократ, приватно му кажал дека посакувал и самиот да преземе слична акција против Иран. Претставници на секој жив поранешен претседател бргу негираа дека таков разговор воопшто се случил.
„Вистината е првата жртва“
Леон Панета, кој служеше кај демократски претседатели како секретар за одбрана, директор на ЦИА и шеф на кабинетот на Белата куќа, рече дека „видел доволно војни во кои вистината станува прва жртва“.
Ова не е првата администрација што не ја кажувала вистината за војна. Но, претседателот го претвори тоа во еден вид многу стандарден пристап кон речиси секое прашање, на еден или на друг начин да лаже за тоа што навистина се случува и во основа да прикажува дека сè е во ред и дека ја добиваме војната — рече тој.
Историчарот Мајкл Рубин, кој работел како советник за Иран и за Ирак во Пентагон од 2002 до 2004 година, рече дека Трамп е „првиот претседател од која било партија во поновата историја кој не си наметнал ограничување да живее во рамки на реторички граници“.
Затоа, секако, тоа создава голема збунетост — рече тој.
„Во времето на Трамп, еден ден е вечност“
За неговите критичари, стилот на Трамп е знак дека тој нема кохерентна долгорочна стратегија. Но, за Трамп, тие нагли свртувања очигледно се самата поента, метод што ги држи неговите противници, а практично и сите други, постојано во неизвесност.
Таквиот пристап беше јасен и оваа недела, во часовите пред да го објави второто одложување на рокот за Иран повторно да го отвори теснецот. Прашан што ќе направи во врска со рокот, Трамп рече дека не знае и дека има уште еден ден пред да мора да одлучи.
Во времето на Трамп, еден ден, знаете што е тоа, тоа е вечност — рече републиканскиот претседател, на смеа од членовите на неговиот кабинет.
Но, инвеститорите не се импресионирани, при што американските акции ја завршија најлошата недела откако почна војната. За некои на Капитол Хил, ваквиот слободен стил е повеќе фрустрирачки отколку забавен.
Конгресменот Грегори Микс од Њујорк, водечкиот демократ во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, се пожали дека Трамп „оди напред-назад и постојано си противречи“.
Администрацијата импровизира. Па како тогаш да му верувате на претседателот за тоа што го кажува? — рече тој.
Иако републиканците и натаму главно стојат зад Трамп, во нивните редови веќе се чувствува извесна нервоза околу тоа каде може да води конфликтот со Иран. Дел од нивните избирачи го поддржуваат досегашниот тврд пристап, но истовремено остануваат многу почувствителни на секојдневните економски проблеми, пред сѐ на трошоците за живот. Кај некои републикански конгресмени се појавуваат и резерви околу можноста САД подлабоко да се вовлечат во војната, особено ако тоа значи испраќање копнени сили и долгорочен ангажман без јасна стратегија и без доволно информации од администрацијата.
„Поддршката од републиканците е на стаклени нозе“
Тој јаз меѓу поддршката за ограничени воени удари и неподготвеноста за поширока војна го потврдува и анкетата на „Асошиејтед прес“, според која мнозинство републиканци одобруваат напади врз ирански воени цели, но само мал дел би поддржал американски копнени трупи. Тоа за Трамп отвора политички ризик: ако конфликтот се одолговлечи, ескалира или побара нови огромни буџетски средства, незадоволството може да почне да расте токму кај неговата база, а со тоа да се зголеми и притисокот врз републиканците пред ноемвриските избори.
Во меѓувреме, Белата куќа се обидува да ја претстави операцијата како голем успех, додека дел од аналитичарите сметаат дека во променливата и честопати контрадикторна реторика на Трамп можеби има одредена тактичка логика — да се внесе несигурност и страв кај иранското раководство.
Но, критичарите предупредуваат дека таквиот пристап, исто така, може да биде знак за импровизација и за отсуство на јасна завршна стратегија. Според нив, ако Трамп не успее целосно да ги исполни поставените цели, можно е на крајот едноставно политички да прогласи победа и така да се обиде да го затвори конфликтот.
Подготвено од М.Д.