Agro-Food HRANA

23.03.2026 Скопје

Глобалните пазари веќе ги чувствуваат последиците од војната во Заливот, сега засега заради прекинот на транспортот на нафтата, но вистинскиот ризик за ценовен шок доаѓа од запирањето на дотурот на вештачкото ѓубриво.

Нарушениот транспорт, особено преку Ормускиот теснец, отвора сериозна закана за нов бран на поскапувања на храната.

Клучниот проблем е што овој регион е „тесно грло“ за светската аграрна индустрија. Околу 25–35% од глобалната трговија со азотни ѓубрива и клучни суровини поминува низ Ормус, кој сега е делумно блокиран или небезбеден за транспорт.

Истовремено се анализира дека нападите врз енергетски и индустриски капацитети го намалуваат производството на уреа – најкористеното ѓубриво во светот.

Во текст со наслов Цените на храната ќе експлодираат кон крајот на годината, се прдупрдува дека ризикот за земјоделство станува се поголем поради блокадата на Ормускиот теснец кој е клучен и за транспорт на суровини за производство на ѓубривата.

Имено, Блискиот Исток е најголем извозник на овие суровини, за илустрација во периодот од 2020 до 2025 година, САД потрошиле 5 милијарди долари за увоз од земјите од заливот, а над половина од сумата завршила во Катар. Економиите од Персискиот залив во истиот период имале извоз на азотни ѓубрива во вредност од 50 милијарди долари.

„Без ѓубриво приносите се намалуваат. Ако приносите се намалат, тогаш има помалку жито, ориз или било каква храна на пазарот,“ рече Филип Сандерленд, трговец со ѓубрива во компанијата „Аквиферт“. „Може да има задоцнување од шест до девет месеци меѓу моментот кога зелените култури се извлекуваат од земјата и храната стигнува на вашата маса. Но, може да се очекува инфлацијата да експлодира околу Божиќ“, вели тој.

Првите ефекти се веќе видливи. Цените на ѓубривата растат за 10–40% во краток рок, а на некои пазари скоковите достигнуваат и над 30%.

Постојат прогнози за дополнително удвојување ако кризата се пролонгира.

Овој раст директно се прелева врз храната. Според проценки на Светска банка, секое зголемување од 1% на цената на ѓубривата може да ја зголеми цената на храната за околу 0,45%. Тоа значи дека сегашните двоцифрени поскапувања веќе создаваат основа за нов инфлаторен бран во земјоделството.

Дополнителен ризик е тајмингот. Кризата се случува непосредно пред пролетната сеидба на северната хемисфера. Земјоделците се соочуваат со дилема: да плаќаат значително поскапи инпути или да користат помалку ѓубриво, што пак води до пониски приноси и нов притисок врз цените.

За мали и увозно зависни економии, како македонската, ефектот може да биде двоен:
директен удар врз цените на храната (преку увоз на поскапи земјоделски производи)
индиректен притисок врз домашното производство, кое зависи од увозни ѓубрива и енергенси

Ако блокадата и нестабилноста во Заливот продолжат, ѓубривото може да стане „катализатор“ на нова глобална инфлација на храната со ефекти што ќе ги почувствуваат и домаќинствата на Балканот.

Подготвено од М.Д.

About Author