TURCIJA

21.08.2026 Скопје

Турското Министерство за правда побарало распишување на меѓународна потерница против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху под обвинение за геноцид, изјави денес турскиот министер за правда Акин Гурлек.

Според него, потребната документација во врска со барањето е доставена до Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи на Турција.

Постапката се однесува на напад во меѓународни води врз активисти на флотилата „Глобал Сумуд“, која пловеше кон Појасот Газа со хуманитарна помош.

Гурлек изјави дека Нетанјаху е обвинет за злосторства против човештвото, геноцид, намерно нанесување повреди, тортура, оштетување на имот, грабеж, киднапирање на возило и незаконско лишување од слобода.

„Ние во никој случај не ја прифаќаме идејата дека администрацијата на Нетанјаху, која спроведува геноцидна политика во Газа, е недопирлива и не може да биде повикана на одговорност“, рече Гурлек во објава на социјалната мрежа X.

Тој додаде дека Турција нема да дозволи злосторствата извршени во Газа да бидат прикриени, ниту пак сторителите ќе бидат заштитени од одговорност.

Овој потег на Анкара доаѓа во време на понатамошно влошување на односите меѓу Турција и Израел.

Поранешниот израелски премиер и министер за одбрана Ехуд Барак го критикуваше Нетанјаху еден ден претходно за неговиот однос со Турција, велејќи дека влошувањето на ситуацијата со Анкара било неодговорно.

Неговата изјава уследи по израелскиот воздушен напад на 18 август врз сириската воздухопловна база Абу Духур, во близина на Алепо и турската граница.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author