04.08.2026 Скопје
Здравствениот оддел на округот Сафолк во американската држава Њујорк денес објави дека се пријавени три потенцијални случаи на туларемија, ретка, но сериозна бактериска болест позната и како „зајачка треска“, која најчесто се пренесува преку каснување од крлежи или болви заразени по контакт со болни диви животни.
Според здравствените власти во округот Сафолк, туларемијата е предизвикана од бактеријата „Francisella tularensis“, а болеста најчесто се поврзува со убоди од крлеж.
Инфекцијата може да се случи и преку директен контакт со болно животно, консумирање контаминирана вода, вдишување прашина контаминирана со бактерии или јадење недоволно зготвено месо од заразен зајак.
Здравствените власти нагласуваат дека болеста не се пренесува од човек на човек.
Според американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), случаите на туларемија најчесто се регистрираат од мај до септември.
Помеѓу 2019 и 2023 година, во Соединетите Американски Држави годишно се пријавувале помалку од 200 случаи, но здравствените власти предупредуваат дека бројот на случаи постепено се зголемува.
Во округот Сафолк на Лонг Ајленд во последниве години има мал број случаи на болеста.
Според податоците на локалниот здравствен оддел, во 2024 година се пријавени четири случаи, три во 2023 година и еден во 2022 година. Кај луѓето, туларемијата може да предизвика висока температура, отечени лимфни јазли, болки во мускулите, силен замор и голема рана на местото на убод од крлеж или болва.
Симптомите најчесто се појавуваат три до пет дена по изложеноста на бактериите, но можат да се развијат и до три недели.
Доколку инфекцијата не се лекува, може да се прошири во крвотокот и да доведе до сепса, потенцијално опасна по живот состојба. Според Министерството за здравство на државата Њујорк, болеста успешно се лекува со антибиотици.
Подготвено од А.Ѓ.