FUEGO

04.08.2026 Скопје

Ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала предизвика евакуација на најмалку две села на неговите падини откако почна да исфрла лава и пепел.

Фуего, еден од најактивните вулкани на западната хемисфера, почна да исфрла лава во понеделник, а пирокластичните текови, реки од гас, вулканска пепел и фрагменти од карпи, продолжија да течат по неговата југоисточна падина денес, соопшти владината агенција што ја следи активноста на вулканот.

Агенцијата за управување со вонредни состојби Конред издаде портокалова тревога за целата земја, второ највисоко ниво, и ги повика жителите да бидат внимателни, бидејќи ерупциите би можеле да предизвикаат нови пирокластични текови и густи облаци од пепел.

„Конред“ апелираше до граѓаните да ги држат прозорците и вратите затворени, а наставата беше откажана во училиштата во близина на вулканот.

Фуего се наоѓа само 16 километри западно од Антигва, град популарен кај туристите кои го посетуваат ова место на светското наследство на УНЕСКО за да се восхитуваат на архитектурата од колонијалната ера.

Овој активен стратовулкан стана популарен и меѓу планинарите.

Агенцијата Конред ги предупреди и посетителите и локалното население да не се приближуваат до ризичните области, особено до падините на вулканот, ниту да се задржуваат во нив.

Повеќе од 200 луѓе загинаа за време на ерупцијата на Фуего во 2018 година, многу од нив во брзо движечките пирокластични текови што се урнаа по клисурата Лас Лахас.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author