KINA

04.08.2026 Скопје

Кина планира да ги зајакне своите капацитети за спречување и ублажување на последиците од лизгање на земјиштето и поплавите за подобро да одговори на климатските промени.

Повикувајќи се на кинескиот државен радиодифузер CCTV, Ројтерс објави дека Министерството за природни ресурси на Кина објавило дека „ќе се фокусира на спречување на чести плитки лизгања на земјиштето и ненадејни поплави предизвикани од екстремни дождови“.

Меѓу приоритетните области се градилиштето на хидроцентралата Јаксија, планинскиот венец Јаншан-Таиханг, подрачјето на резервоарот „Браната Три клисури“ и планините Вуменг.

„Кина ќе истражи методи за идентификување и следење на ризиците од геолошки опасности со користење на воздушно и сателитско далечинско набљудување“, изјави кинескиот министер за водни ресурси Ли Гуојинг за време на инспекцијата на мерките за безбедност од поплави во резервоарот Тјанџин во близина на Пекинг.

Ли повика на подобрување на системите за следење и прогнозирање и нагласи дека властите мора да обезбедат дека ниедна брана нема да се сруши за време на сезоната на поплави во август.

Минатиот месец, лизгање на земјиштето предизвикано од ненадејни поплави во северозападната покраина Гансу уби 25 лица, додека друго лизгање на земјиштето во Чонгкинг, на југозападниот дел од земјата, предизвикано од уривање на дел од планина, одзеде 51 живот.

Кинеските власти минатата година регистрираа повеќе од 270.000 геолошки опасни места низ целата земја, ставајќи ја во опасност безбедноста на околу 11 милиони луѓе.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author