05.08.2026 Скопје
Британската тајна разузнавачка служба MI6 е најмоќната странска разузнавачка служба во Европа, пред Франција и Холандија, според анкета на француското списание Lexes, во која учествувале 60 експерти од 25 земји.
МИ6 освои 251 поен во анкетата и беше пофалена за својата експертиза во регрутирањето на високо рангирани информатори и пенетрирањето во владејачките елити во Русија, Кина, Иран и Турција.
Француската тајна служба, Генералниот директорат за надворешна безбедност (DGSE), заврши на второто место со 169 поени за својот глобален дострел и оперативни способности.
Меѓу петте земји со најмоќни тајни служби на европскиот континент, според експертите, се Холандија, Украина и Германија, додека словачката тајна служба е оценета како најлоша.
Поранешниот раководител на операциите за Европа и Евроазија во американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Ралф Гоф, оцени дека „Британците се понапред“ во однос на познавањето на настаните во Украина, а дека САД се „веднаш зад нив“.
Поранешниот шеф на станицата на ЦИА, Роберт Горелик, изјави дека Велика Британија „има убедливо најсилна тајна служба во Европа“ и дека „МИ6 е извонредна“.
Минатата година, Блез Метревели стана првата жена на чело на МИ6, преземајќи ја функцијата од Ричард Мур, и таа е една од малкуте луѓе за кои е јавно познато дека работат за тајната служба.
Поранешниот шеф на францускиот DGSE рече дека „Британците имаат способност да играат долгорочна игра, инвестирајќи во ресурси во период од десет години, нешто слично како Русите. И тие имаат дарба за валкани трикови“.
DGSE, чија работа беше прикажана во француската серија „Бирото“, е оценета како една од најдобрите во светот во борбата против тероризмот.
Службата е позната по своите тајни операции за „елиминирање“ на лица кои се сметаат за закана за француската безбедност, а поранешниот француски претседател Франсоа Оланд јавно зборуваше за спроведување на најмалку 40 операции во кои биле убиени „високо вредни“ цели на Блискиот Исток и Африка, според книга од 2017 година.
Подготвено од А.Ѓ.