02.07.2026 Скопје
Канада има намера да објави основање на глобална Банка за одбрана, безбедност и отпорност, заедно со уште десет други земји, на самитот на НАТО во Турција следната недела, со цел да обезбеди околу 117 милијарди евра поволно финансирање за зајакнување на одбранбените капацитети на сојузничките земји, изјави денес главната канадска преговарачка на иницијативата, Изабел Удон.
„Го поставивме самитот на НАТО како краен рок. Нашата цел е тогаш да го објавиме списокот на земјите-основачи“, рече Удон, кој ги води преговорите за започнување на оваа мултилатерална иницијатива, а е и извршен директор на Банката за развој на бизнисот на Канада.
Според неа, банката треба да собере околу 117 милијарди евра поволен капитал наменет за зајакнување на одбранбените капацитети на сојузничките земји.
Удон изјави дека меѓу првите држави-основачи, освен Канада, најверојатно ќе има исклучиво европски земји, но не сакаше да открие за кои земји станува збор.
Таа предупреди дека конечното соопштение сè уште не е сигурно, бидејќи зависи од конечните преговори со сојузниците, вклучително и договор за нивните финансиски удели во капиталот на идната банка, но оцени дека проектот добива сè поголема поддршка.
„Премиерот (на Канада, Марк Карни) рече дека не треба да се стремиме кон совршенство пред да ја започнеме оваа иницијатива, туку да ги здружиме земјите кои се подготвени да бидат основачи, додека членството ќе остане отворено и за други“, рече Удон.
Сепак, судбината на проектот останува неизвесна без поддршката на земјите чие учество би било клучно за добивање на највисокиот кредитен рејтинг „ААА“.
Удон изјави дека разговорите со Јужна Кореја биле конструктивни и дека постојат еднакви шанси земјата да се приклучи на проектот, веројатно во подоцнежна фаза.
Таа додаде дека засега, ниту еден друг член на Групата седум (Г7) не е блиску до донесување одлука за пристапување.
Канадскиот премиер Марк Карни го промовира формирањето на Банка за одбрана, безбедност и отпорност (DSRB) како дел од неговата иницијатива за создавање сојуз на „средни сили“ што би одговорил на она што тој го смета за растечко слабеење на традиционалниот светски поредок предводен од САД.
Подготвено од А.Ѓ.