RADEV

14.07.2026 Скопје

Бугарскиот премиер Румен Радев изјави денес дека Бугарија не припаѓа на Коалицијата на волјата, меѓународна иницијатива која поддржува понатамошна финансиска и воена помош за Украина, и рече дека неговата земја треба да се фокусира на дипломатски напори за завршување на конфликтот.

Радев рече дека лично добил покана од францускиот претседател Емануел Макрон да се приклучи на коалицијата, но дека верува оти Бугарија нема место во формат кој се залага за континуирана воена поддршка за Киев.

„Ние не учествуваме во коалиција која инсистира на континуирана финансиска и воена помош за Украина. Ние не даваме таква помош затоа што верувам дека решението за овој конфликт не е во неговото продолжување со воени средства, туку во силна дипломатска мисија за прекин на ескалацијата“, рече Радев.

На прашањето дали на официјалната вечера во Париз синоќа имало и други шефови на држави и влади кои не биле дел од Коалицијата на волјата, Радев одговори дека сите се поканети да учествуваат.

„Се сретнав со колеги кои не беа дел од Коалицијата на волјата, но беа на вечерата и приемот што ги организираше претседателот на Франција“, додаде тој.

Зборувајќи за новата иницијатива за зајакнување на заштитата од руски балистички ракети, Радев нагласи дека безбедносните прашања на Бугарија се решаваат во рамките на Европската Унија и НАТО, каде што, како што наведе, се донесуваат клучни одлуки.

„Досега видовме многу предлози и идеи, но одлуките се носат во различен формат. Бугарија активно учествува во сите овие формати, каде што се носат одлуки“, рече премиерот.

Според него, овие прашања се решаваат во рамките на Европската Унија и НАТО, „каде што Бугарија има своја тежина и активно присуство“.

Бугарскиот премиер е во Париз на покана на Макрон по повод прославите на Денот на Бастилја, на кои присуствуваа и припадници на Бугарската гарда.

Тој оцени дека нивното присуство претставува потврда за добрите односи меѓу Бугарија и Франција.

По повод учеството на воената парада за националниот празник на Франција, премиерот му се заблагодари на претседателот Макрон за поканата за прославата и ја опиша како вистински симбол на вечниот стремеж на човештвото кон слобода и демократија.

„Учеството на бугарската гарда на оваа парада веќе станува традиција. Тие имаат свое неоспорно место таму како знак за исклучително добрите односи меѓу Бугарија и Франција во многу области во кои нашите земји успешно соработуваат“, рече Радев.

Осврнувајќи се на 21-от пакет санкции на Европската Унија против Русија, тој рече дека Бугарија успеала да обезбеди отстранување на едно лице од санкционираната листа поради, како што наведе, проблеми поврзани со безбедното работење на софиското метро.

Коалицијата на волјата, чие основање беше иницирано од Франција и Обединетото Кралство со поддршка на повеќе од 30 земји, има за цел зајакнување на долгорочната поддршка за Украина преку воена помош, обука, производство на муниција и безбедносни аранжмани.

Радев постојано повторуваше дека Бугарија нема да ги спречи другите држави да ја поддржат Украина, но дека самата нема да учествува во такви воени иницијативи, туку ќе се залага за прекин на огнот и дипломатско решение на конфликтот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author