14.07.2026 Скопје
Од утре, повеќе нема да има 118-годишна граница меѓу Гибралтар и Шпанија, што многу ќе им го олесни животот на илјадниците луѓе кои ја преминуваа секој ден, вклучувајќи ги и 15.000 Шпанци кои работат на британската медитеранска територија.
Мнозинството жители на Гибралтар, 96 проценти, на референдумот за Брегзит во 2016 година гласаа за останување во ЕУ, од која беа „протерани“ против нивна волја.
По излегувањето на Велика Британија од ЕУ, проверките на пасошите и транспортот на стоки за жителите на Гибралтар станаа покомплицирани и десет години Брисел, Лондон, Гибралтар и Мадрид преговараа за договор за отстранување на физичките контроли на границата со Шпанија.
Гибралтар ќе остане целосно британски и суверен, но од утре границата со Шпанија ќе биде само линија на картата.
Според бриселскиот портал „Политико“, од утре патниците што пристигнуваат на аеродромот во Гибралтар ќе минуваат низ пасошки контроли и во Гибралтар и во ЕУ. Откако ќе поминат, ќе можат слободно да се движат и во Гибралтар и во Шенген зоната, под услов да добијат одобрение од двете служби.
Како резултат на тоа, Гибралтар и Шпанија ќе ги укинат граничните контроли на нивната копнена граница.
Гибралтар, исто така, ќе се усогласи со различните правила на ЕУ за единствениот пазар и царината за да се олесни протокот на стоки што понекогаш беше тешко да се добијат по Брегзит.
„Политико“ понатаму пишува дека Гибралтар е непоколеблив во намерата да не се приклучи на Шенген, но патниците ќе се чувствуваат како да се во зоната, без проверки на пасошите кога ќе влезат во Шпанија. Разликата ќе биде во тоа што Гибралтар ќе продолжи сам да ја одредува својата визна политика.
Договорот за укинување на границата официјално ќе биде потпишан денес во Брисел од страна на британскиот министер за Европа, Стивен Доути, и европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ.
Некои критичари на договорот велат дека тој го нарушува суверенитетот на Гибралтар, со што владата на територијата не се согласува.
„Брегзит беше најлошиот чин на самоповредување од страна на Обединетото Кралство од Втората светска војна“, рече министерот за влада на Гибралтар, Фабијан Пикардо.
Тој исто така рече дека Велика Британија мора сериозно да го преиспита својот однос со ЕУ, без разлика дали станува збор за враќање на членството или за поблиски односи.
Подготвено од А.Ѓ.