VODAAA

14.07.2026 Скопје

Околу 120 предвремени породувања годишно во Нов Зеланд би можеле да бидат поврзани со изложеност на вода за пиење контаминирана со нитрати од земјоделската индустрија, покажа денес студијата на истражувачи од универзитетите во Кентербери, Отаго и Маси.

Тие пронајдоа „значајна“ врска помеѓу присуството на нитрати во водата за пиење и предвремените породувања, дури и кога концентрациите беа далеку под законската граница на Нов Зеланд од 11,3 милиграми на литар.

Според резултатите од истражувањето, ризикот од предвремено породување се зголемува со зголемување на концентрациите на нитрати, при што поврзаноста е поизразена кај потешки исходи.

Студијата анализирала повеќе од 735.000 раѓања помеѓу 2008 и 2021 година, а авторите навеле дека поврзаноста е пронајдена во сите категории на предвремено породување кај бремени жени изложени на нитрати за време на бременоста.

Кога студијата разгледа можна причинско-последична врска, беше проценето дека нитратите би можеле да бидат одговорни за околу 120 предвремени породувања годишно, или околу четири проценти од бременостите прекинати помеѓу 20 и 37 недели. Загадувањето со нитрати во Нов Зеланд е главно поврзано со употребата на ѓубрива и истекување на добиточно ѓубриво од земјоделските површини.

Еколошката организација „Гринпис“ повика на построга контрола врз интензивното земјоделство и употребата на азотни ѓубрива, додека индустриската организација „ДејриНЗ“ соопшти дека прашањата за јавното здравје и стандардите за квалитет на водата се одговорност на здравствените и регулаторните институции.

Студијата ќе биде објавена во списанието „Environmental Research“ во септември.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author