munteanu

03.07.2026 Скопје

Молдавскиот премиер Александру Мунтеану поднесе оставка, со што започна процесот на оставка на целата влада, беше објавено денес во Кишињев.

Мунтеану, кој е премиер од ноември 2025 година, не даде детално објаснување за својата одлука.

Во објава на социјалната мрежа X, тој изјави дека неговиот мандат завршува и дека одлучил да се повлече кога заклучил дека повеќе не може да ги извршува своите должности во согласност со своите принципи и верувања.

„Денес завршува мојот мандат како премиер. Во моментот кога сфатив дека повеќе не можам да го извршувам мојот мандат во согласност со моите принципи и верувања, решив да се повлечам“, напиша тој.

Според уставната процедура, молдавската претседателка Маја Санду ќе одржи консултации со парламентарните партии, по што ќе предложи нов мандатар за состав на владата.

Мунтеану (62) беше назначен за премиер по парламентарните избори одржани во септември 2025 година, на кои ПАС постигна убедлива победа над проруските политички ривали и обезбеди продолжување на проевропскиот курс на земјата.

Пред да влезе во молдавската политика, тој работеше во странство повеќе од 20 години, вклучително и во Светската банка.

Во својата објава, тој рече дека ќе продолжи да ѝ служи на Молдавија без оглед на функцијата што ја извршува во иднина.

Молдавија, која граничи со Украина и Романија, е кандидат за членство во Европската Унија.

Политичката сцена во земјата со години е поделена меѓу проевропските сили и партиите кои се залагаат за поблиски односи со Русија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author