07.07.2026 Скопје
Данската премиерка Мете Фредериксен изјави денес дека очекува сојузниците да го почитуваат суверенитетот на Данска и да прифатат дека Гренланд не е на продажба, откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ја повтори својата желба да ја преземе контролата врз арктичкиот остров.
На самитот на НАТО во Анкара, Фредериксен изјави дека очекува сојузниците да го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Данска, нагласувајќи дека Гренланд не е на продажба.
Нејзината изјава дојде само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ја повтори својата намера САД да ја преземат контролата врз Гренланд, автономен арктички остров кој е дел од Кралството Данска.
Трамп претходно денес изјави дека Гренланд треба да биде под контрола на САД, а не на Данска, и оцени дека спорот околу Гренланд ги оштетил односите меѓу САД и НАТО.
„Тоа е она што ги оштети моите односи со НАТО, бидејќи Гренланд не е од корист за Данска“, рече Трамп.
Како што рече тој, Данска не инвестира доволно пари за навистина да му помогне на Гренланд, но тоа е исклучително важно за Соединетите Американски Држави.
„Опкружено е со кинески и руски бродови и ние нема да го дозволиме тоа“, нагласи Трамп.
Американскиот претседател додаде дека сојузниците не ја поддржуваат позицијата на САД, и покрај, како што наведе, големите американски средства за нивна заштита од Русија.
За време на неговиот втор претседателски мандат, Трамп постојано ја покренуваше идејата за анексија на Гренланд, не исклучувајќи ја употребата на воена сила, што предизвика загриженост во Европа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио неодамна изјави пред Конгресот дека Гренланд „засега“ останува дел од Данска.
Според него, американската администрација на крајот се откажала од можноста за воена интервенција и наместо тоа започнала разговори со Данска за зајакнување на американското воено присуство на островот.
Рубио во јуни изјави дека разговорите со Данска и Гренланд продолжуваат на месечна основа.
Подготвено од А.Ѓ.