15.07.2026 Скопје
Велика Британија доживува период на „историски невидени климатски промени“, при што екстремните временски услови што предизвикаа неодамнешни топлотни бранови стануваат редовна појава, според извештај објавен денес од Метеоролошката служба на Велика Британија.
„Три топлотни бранови веќе се регистрирани ова лето, со температури над 30 степени Целзиусови во текот на 25 дена во 2026 година“, се вели во годишниот извештај на Метеоролошката служба за состојбата на климата во Велика Британија, нагласувајќи дека е сè појасно дека климата во Велика Британија претрпела фундаментални промени и продолжува да се менува.
Во него се предупредува дека потоплите климатски услови продираат во јужните делови на земјата, додека областите со постудена клима на север се намалуваат, додека климатските промени предизвикани од човековата активност, првенствено согорувањето на фосилни горива, доведуваат до сè поекстремни временски услови.
Ова ја направи 2025 година најтоплата година откако започнаа да се водат записи во 1884 година, а тоа беше и шести пат во 21 век да биде соборен температурен рекорд.
„Кога станува збор за температурите, без разлика дали се на годишно, сезонско, месечно или дневно ниво, податоците потврдуваат дека климата што го карактеризираше 20 век повеќе не постои. Во некои делови од југоисточна Англија, најжешкиот ден во годината е во просек за 4,5 степени Целзиусови потопол отколку што беше пред само неколку децении“, рече главниот автор на извештајот, Мајк Кендон од Метеоролошката служба.
Кендон вели дека области како Долината Јорк и Ланкашир на северот од земјата сега имаат слични годишни температури како оние во пошироката област на Лондон помеѓу 1961 и 1990 година.
Во исто време, Англија и Велс доживеаја значително помалку врнежи во текот на пролетта, под половина од просечната количина, а на некои места дури и помалку од една третина од просекот.
Професорката Лиз Бентли, извршен директор на Кралското метеоролошко друштво, изјави дека климатските промени во голема мера започнале во Велика Британија и предупреди дека тоа „веќе не е апстрактен концепт за идните генерации“.
Подготвено од А.Ѓ.