16.06.2026 Скопје
Само неколку часа по инцидентот во кој беа запалени две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопјe, Министерството за внатрешни работи го идентификуваше и уапси осомничениот сторител. Осомничениот е 44-годишен жител на Скопјe со иницијали И.Д., кој се наоѓа во полициската станица и против кого ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Според полицијата, инцидентот се случил вчера околу 12:13 часот, кога две дипломатски возила паркирани пред амбасадата биле полеани со запалива течност и запалени. Благодарение на навремената интервенција, пожарот бил локализиран пред да предизвика поголема материјална штета или да ги загрози вработените во дипломатската мисија.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека веднаш по пријавата се преземени интензивни оперативни мерки, а осомничениот е идентификуван и пронајден за кратко време. При претресот е пронајдена и облеката што ја носел во моментот на извршување на кривичното дело.
Првичните наоди не укажуваат на мотив директно поврзан со Бугарија, туку напротив, дека лицето реагирало на наводно нелегално паркирани возила, за што дознало преку извештај на една од националните телевизиски станици. Оваа информација сè уште не е официјално потврдена од истражните органи.
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди инцидентот, нагласувајќи дека станува збор за сериозен криминален инцидент и посочувајќи дека институциите покажале ефикасност со брзо приведување на осомничениот.
– Го осудуваме овој криминален инцидент најостро. Лицето е обезбедено и во тек е истрага за утврдување на мотивите што доведоа до ова кривично дело – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Министерството за внатрешни работи е во постојана комуникација со бугарските власти и дека Владата останува посветена на целосно расветлување на случајот.
Инцидентот предизвика жестоки реакции и во Софија. Бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека ова не е обично злосторство, туку неприфатлив напад врз дипломатска мисија. Според неа, ваквите инциденти ја тестираат способноста на една држава да ги исполни своите меѓународни обврски за заштита на дипломатските мисии.
– Алармантно е што овој инцидент се случува во позадина на континуирана антибугарска реторика и атмосфера на нетолеранција, која со години останува без потребниот институционален отпор. Ваквите дејствија не се случуваат во вакуум – тие се директна последица на ширењето на омраза и неказнивост. Европската интеграција не е само политичка цел, туку и одговорност. Земја што се стреми кон членство во Европската Унија мора безусловно да ја гарантира безбедноста на дипломатските мисии, да се спротивставува на говорот на омраза и да покажува почит кон своите соседи не само со зборови, туку и со дела – рече Јотова, додавајќи дека очекува итна, транспарентна и ефикасна акција од надлежните органи во Скопјe.
Бугарското Министерство за надворешни работи, исто така, го осуди инцидентот, опишувајќи го како демонстративен чин на агресија. Според бугарското Министерство за надворешни работи, нападот е резултат на атмосфера на омраза и агресивен политички говор.
– Овој последен напад врз Бугарија и Бугарите е резултат на агресивен политички говор, поттикнување на омраза и недостаток на соодветен одговор од страна на институциите во претходни слични значајни случаи, што создава чувство на неказнивост за сторителите. Потсетуваме дека по последниот палеж во Република Северна Македонија врз Бугарскиот културен клуб во Битолa, наместо да биде казнет, инцидентот беше прославен и вклучен во предизборната политичка кампања – реагираше бугарското Министерство за надворешни работи, повикувајќи на брзо и фер судење за сторителот.
Подготвено од А.Ѓ.