DECA LAP TOP

16.06.2026 Скопје

Децата во Северна Македонија се сè повеќе изложени на повеќе климатски закани истовремено – повеќето од нив се погодени од загадување на воздухот, топлотни бранови и суши, покажува новиот глобален извештај на УНИЦЕФ.

Извештајот за климатските ризици за децата од 2026 година открива дека заканите што ги претставуваат климатските промени се широко распространети во Северна Македонија и веќе влијаат врз здравјето, развојот и благосостојбата на децата. Околу три четвртини од нив се погодени од суши (73%), речиси девет од десет деца се изложени на топлотни бранови (87%) и речиси сите деца (99,9%) се изложени на штетно загадување на воздухот.

„Децата во Северна Македонија растат во променлива клима, каде што екстремната топлина, сушата и загадувањето на воздухот за жал се дел од секојдневниот живот. Земјата воведе важни мерки за заштита на децата, но климатските притисоци растат и нивното штетно влијание врз здравјето, образованието и благосостојбата на децата мора итно да се намали“, рече Лесли Милер, претставник на УНИЦЕФ.

Во извештајот се наведува дека повеќето деца во земјата се изложени на повеќе климатски закани истовремено, што го зголемува ризикот за нивното здравје, учење и целокупен развој.

И покрај напорите за намалување на ранливоста на децата, УНИЦЕФ вели дека сè уште постојат празнини во системот, особено во покриеноста со социјална заштита, што ги остава децата од најранливите семејства изложени на најголем ризик од климатски шокови.

„УНИЦЕФ повикува на итна климатска акција во Северна Македонија што ќе се фокусира на децата, бидејќи децата се непропорционално ранливи на климатските ризици и затоа мора да им се даде приоритет во политиките за справување со климатските промени“, забележуваат тие.

Според организацијата, потребни се континуирани активности за понатамошно намалување на штетните емисии и справување со загадувањето на воздухот, зајакнување на здравствените, образовните и системите за социјална заштита и нивната отпорност на климатските шокови, како и охрабрување и подготовка на децата и младите да учествуваат во справувањето со климатската криза и во процесите на донесување одлуки што ја обликуваат нивната иднина.

„Заштитата на децата од климатските ризици е итна потреба, но и можност. Со инвестирање во квалитетни услуги денес, Северна Македонија ќе ги заштити правата на децата и ќе изгради поодржлива иднина за сите“, заклучи Милер од УНИЦЕФ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author