16.06.2026 Скопје
Грција имаше едни од најчистите води за капење во Европската Унија во 2025 година, според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина. Според податоците, 85 проценти од повеќе од 22.000 места следени низ ЕУ беа класифицирани како места со вода со одличен квалитет.
Во извештајот се наведува дека дури 97,1 процент од водите за капење во Грција се оценети како со одличен квалитет, 2,4 проценти како добар и 0,1 процент како задоволителен.
Европската агенција го следи присуството на отпадни води во водата за капење, но не и други загадувачи како што се хемикалии, хранливи материи, фармацевтски производи, пестициди или микропластика. Податоците ги обезбедуваат земјите-членки.
Низ 27-те земји-членки на ЕУ, плус Албанија и Швајцарија, 85% од локациите беа оценети како одлични, а 96% ги исполнија барем минималните стандарди. Сепак, 1,5% од локациите останаа со лош квалитет, што укажува дека мерките за управување беа недоволни или не беа ефикасно спроведени.
Најдобар резултат е забележан од Кипар, каде што 100% од водите за капење се оценети како одлични. Потоа следуваат Бугарија со 96,9% и Австрија со 96,5%.
На спротивниот крај од листата се Унгарија со 64%, Полска со 58,7%, Естонија со 56,9% и Албанија со само 16,8% од водите оценети како одлични.
Според извештајот, квалитетот на водата за капење во Европа значително се подобрил во последните децении, главно поради намалените испуштања на нетретирани или делумно пречистени урбани отпадни води.
Исто така, се наведува дека крајбрежните води генерално се со подобар квалитет од реките и езерата. Во 2025 година, 88% од крајбрежните места биле оценети како одлични, во споредба со 78% од внатрешните води.
Местата за капење во реките остануваат предизвик, при што само 47% од околу 1.200 назначени места низ Европа постигнале оценка за „одличен квалитет“.
Подготвено од А.Ѓ.