16.06.2026 Скопје
Грција ќе отвори нови шалтери и привремено ќе ги суспендира биометриските проверки на граничниот премин Евзони за да го намали застојот откако новиот систем за влез во Европската унија предизвика значителни застои и долги редици, објави „Катимерини“.
Системот бара собирање биометриски податоци од граѓани кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи отпечатоци од прсти и фотографија од лицето.
Поради дополнителни проверки, времето за обработка на еден патник е зголемено од околу 20-30 секунди на две до три минути, што доведе до намалување на протокот на возила и туристички автобуси, особено на преминот Евзони.
За да се избегнат екстремни доцнења, властите привремено го суспендираат спроведувањето на биометриските проверки во шпицот, а премините работат само со стандардна пасошка контрола.
Суспензијата е привремена — може да трае неколку часа — и е дозволена во случаи на долги редици автобуси и автомобили.
Паралелно, се разгледуваат дополнителни оперативни решенија, вклучувајќи отворање нови шалтери, оптимизација на постојните ленти и подобро користење на достапната инфраструктура на граничните премини. Некои од мерките вклучуваат привремена пренамена на постојните објекти за зголемување на капацитетот за обработка на патници и возила.
„Ова е мерка што ја воведовме и континуирано ја спроведуваме во шпицот. Се обидуваме да „исцедиме“ сè што можеме“, рече Константинос Ѓулекас, заменик-министер за внатрешни работи задолжен за Македонија и Тракија.
Подготвено од А.Ѓ.