SVETSKA BANKA

11.06.2026 Скопје

Светската банка денес, во својот последен полугодишен извештај за глобалните економски перспективи, ја намали прогнозата за раст на глобалната економија за 2026 година на 2,5 проценти, првенствено поради последиците од војната на Блискиот Исток, која влезе во својот четврти месец.

Доколку конфликтот се прошири понатаму и предизвика посериозни нарушувања на енергетските и финансиските пазари, Светската банка предупредува дека глобалниот раст би можел да се намали на само 1,3 проценти, што би бил најлошиот исход од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.

Светската банка разви три можни исходи за тековната година. Основното сценарио предвидува раст од 2,5 проценти, доколку најголемите прекини во снабдувањето со енергија се смират до крајот на јули.

Во овој случај, просечната цена на суровата нафта од типот Брент ќе биде 94 долари за барел (скок од 36 проценти во однос на 2025 година), додека глобалната инфлација ќе биде околу четири проценти.

Доколку нарушувањата траат подолго, цените на нафтата би можеле да достигнат просек од 115 долари за барел, што ќе ја зголеми глобалната инфлација на 4,4 проценти и ќе ги принуди централните банки дополнително да ги зголемат каматните стапки, што е потемно сценарио. Доколку енергетскиот шок предизвика паника на финансиските пазари, каде што инвеститорите се веќе ранливи поради високата концентрација на капитал кај само неколку технолошки гиганти, довербата целосно ќе се сруши, а светската економија ќе се најде на работ на стагнација, со раст од само 1,3 проценти.

Кога станува збор за водечките светски економии, прогнозата за раст за Соединетите Американски Држави во 2026 година е задржана на 2,2 проценти, додека Еврозоната се соочува со нагло забавување на само 0,8 проценти.

Се проценува дека економијата на Кина ќе порасне за 4,2 проценти, додека Индија се појавува како светла точка со проектиран раст од 6,6 проценти.

Во извештајот особено се истакнува трагичната позиција на земјите во развој, каде што, покрај Кина и Индија, на десетици посиромашни земји им се заканува таканаречена „изгубена деценија“, во која нема да можат да го намалат огромниот јаз во приходите во споредба со напредните западни економии.

Дополнителна причина за загриженост е драматичното зголемување на цената на вештачкото ѓубриво, што би можело да ескалира во сериозна глобална криза со снабдувањето со храна, предупредува Светската банка.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author