08.06.2026 Скопје
Кинескиот претседател Си Џинпинг денес се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Пјонгјанг, а во таа пригода изјави дека традиционалното пријателство меѓу двете земји ќе продолжи и дополнително ќе се зајакнува.
Си нагласи дека традиционалното пријателство меѓу Кина и Северна Кореја, „засновано на заеднички соништа и цели“, има длабоки историски и политички темели и силни емоционални врски, додавајќи дека „без оглед на промените во меѓународната ситуација, решителниот став што кинеската партија и влада го заземаат кон традиционалното пријателство меѓу Кина и Северна Кореја нема да се промени“.
За време на состанокот, Си изнесе четири предлози за развој на односите меѓу Кина и Северна Кореја, вклучувајќи одржување контакти на високо ниво, подобрување на практичната соработка за конкретни придобивки за граѓаните, зајакнување на меѓучовечките врски преку образовни и културни размени и продлабочување на стратешката координација и соработка за заштита на суверенитетот, безбедноста и регионалниот мир.
Тој, исто така, повика на проширување на соработката во областите на трговијата, земјоделството, науката и технологијата и предложи двете земји да го искористат повторното отворање на граничните премини, враќањето на воздушните линии и меѓународните патнички возови за зајакнување на меѓусебните контакти и промовирање на размена меѓу граѓаните.
Тој ја истакна важноста на одбележувањето на 65-годишнината од Договорот за пријателство, соработка и заемна помош меѓу Кина и Северна Кореја, оценувајќи дека односите меѓу двете владејачки партии играат клучна улога во развојот на билатералните врски.
Севернокорејскиот лидер по состанокот нагласи дека Северна Кореја е задоволна што гледа дека Кина, под водство на Си Џинпинг, постигнала развојни достигнувања.
„Ќе продолжиме да го третираме развојот на односите меѓу Северна Кореја и Кина како најважен и оригинален стратешки потфат на земјата и ќе направиме сè што е во наша моќ да ги изградиме односите меѓу Северна Кореја и Кина како модел на меѓународни односи што ќе придонесат за регионалниот и глобалниот мир и просперитет“, нагласи Ким.
Кинескиот претседател Си Џинпинг претходно отпатува во Пјонгјанг во својата прва посета на Северна Кореја од 2019 година.
Кинескиот лидер беше пречекан со церемонијална свеченост на аеродромот во Пјонгјанг со воени почести и транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше „Да живее нераскинливото пријателство меѓу Северна Кореја и Кина“.
Подготвено од А.Ѓ.