01.06.2026 Скопје
Шведскиот премиер Улф Кристерсон оцени дека Канада, и покрај очигледната географска оддалеченост од Европа, би можела да биде дел од поширокиот европски политички простор, бидејќи Европската Унија, како што изјави, не е само прашање на мапа, туку и на споделени вредности.
Кристерсон рече дека самото име на Европската Унија се однесува на географија, но дека подеднакво важно прашање е со кои земји-членки сакаат да се интегрираат политички, економски и во однос на вредностите. Шведскиот премиер ја опиша ЕУ како „многу гостопримлив клуб за истомисленици“, нагласувајќи ја блискоста на Канада со европските демократии.
Во западните политички и медиумски кругови се повеќе се зборува за можноста Канада, како еден од најблиските трансатлантски партнери на Европа, институционално да се приближи уште повеќе до Брисел. Оваа дебата е особено оживеана по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Канада како можна 51-ва држава на САД, што предизвика силни политички реакции во Отава и го забрза барањето алтернативни сојузи.
Идејата дека Канада припаѓа на европскиот круг на вредности не е нова. На почетокот на мај, европската министерка за надворешни работи, Каја Калас, на состанокот на Европската политичка заедница во Ереван изјави дека „Европа не е прашање на географија, туку на вредности и принципи“, додавајќи дека затоа Брисел е задоволен што Канада учествува во тој формат.
Сепак, формалното членство на Канада во Европската Унија е далеку од реално сценарио. Според правилата за проширување, пристапувањето кон ЕУ е отворено за европските земји кои ги прифаќаат фундаменталните вредности на Унијата и ги исполнуваат политичките, економските и правните услови. Затоа, наместо за полноправно членство, Канада и ЕУ многу поконкретно зборуваат за зајакнување на нивното партнерство во областите на безбедноста, трговијата, одбраната, дигиталната политика и енергетската соработка.
Канадскиот премиер Марк Карни минатата година во Брисел со лидерите на ЕУ најави ново стратешко партнерство меѓу Канада и Европската Унија, со посебен акцент на безбедносната и одбранбената соработка. Во официјалното соопштение од канадската влада се наведува дека ова е чекор кон подлабока интеграција меѓу двете страни, но не и започнување на процесот на пристапување кон Унијата.
Засега, затоа, пораката на Кристерсон има повеќе политичко отколку правно значење. Таа покажува дека во Европа, Канада сè повеќе се смета за природен сојузник во време на глобални превирања, но исто така дека во Брисел се отвора простор за нови форми на ангажман со земјите што ги делат европските политички и безбедносни приоритети, дури и кога тие не се на европскиот континент.
Подготвено од А.Ѓ.