15.06.2026 Скопје
Мрежа хакери од Северна Кореја со години користи украдени идентитети на граѓани од Србија и Босна и Херцеговина за да добие работа во западни компании и да заработи пари за режимот во Пјонгјанг.
Според истражувањето спроведено од БИРН, само во 2024 година, Северна Кореја веројатно заработила помеѓу 350 и 800 милиони долари од своите ИТ работници ширум светот.
Меѓу милионите профили на популарната платформа за фриленс „Гуру“ беше еден со фотографија од млада жена со црвен кармин и зелена маица. Профилот ја опишуваше како софтверски инженер од Босна и Херцеговина со 50 завршени проекти.
„Можете да ме контактирате во секое време. Достапна сум и во европските и во американските временски зони“, пишуваше во описот на нејзиниот профил на англиски јазик.
Иако на профилот како контакт биле наведени нејзиното име и стара е-адреса, жената на фотографијата немала никаква врска со тој профил.
Нејзината стара е-адреса е една од 25-те наведени во извештајот на Тимот за мониторинг на мултилатералните санкции (MSMT), тело задолжено за следење на обидите на Северна Кореја да ги заобиколи санкциите на Обединетите нации. Меѓу злоупотребените идентитети беше и името на еден Србин.
Нивните сметки на платформата „Гуру“ биле креирани и користени од севернокорејски хакери за да добијат работа во американски и европски компании, а дел од приходите биле искористени за финансирање на развојот и производството на оружје на Северна Кореја, домашни инфраструктурни проекти и купување на стоки за широка потрошувачка, според извештајот на MSMT.
Профилот на босанката повеќе не е достапен на платформата.
Подготвено од А.Ѓ.