23.06.2026 Скопје
Бројот на нови регистрации на електрични автомобили во Европската Унија се зголеми за повеќе од 40 проценти во мај во споредба со истиот месец минатата година, при што кинеските производители регистрираа најбрз раст на продажбата, според извештајот на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Во мај, бројот на нови регистрации на возила со сите погонски склопови се зголеми за 3,2 проценти на 955.013 возила, додека продажбата на електрични возила на батерии (BEV) се зголеми на 203.417 возила (43 проценти), објавува „Шпигел“.
Продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување се намали за околу една петтина, на 210.383 автомобили со бензински мотори и 69.482 со дизел мотори, додека имаше мало зголемување кај хибридните автомобили.
Раст на продажбата е забележан во Италија (7,6 проценти), Франција (3,7 проценти) и Германија (0,1 процент), додека пад од 0,8 проценти е забележан во Шпанија.
Меѓу водечките производители во ЕУ, продажбата во мај падна кај Volkswagen Group (3,6 проценти), Stellantis (2,6 проценти) и Renault (1,3 проценти), додека германските брендови BMW (3,7 проценти) и Mercedes-Benz (0,7 проценти) остварија раст.
Оваа година, вкупниот број на нови патнички автомобили во ЕУ се зголеми на приближно 4,75 милиони возила (4 проценти), а пазарниот удел на електричните возила се зголеми од 15,3 на 20 проценти.
Кинеските компании BYD, SAIC Motor, Chery Automobile и Leapmotor имаа најголем раст со пазарен удел од 2,1 процент, што е двојно повеќе од минатата година.
„Тесла“ имаше малку помал удел од 1,9 проценти, и покрај малото закрепнување на продажбата на европскиот пазар.
Подготвено од А.Ѓ.