17.06.2026 Скопје
Бројот на антисемитски инциденти документирани во Германија во 2025 година се зголеми малку во споредба со претходната година и достигна рекордни 8.725 случаи, објави во среда Федералното здружение за истражување и информации за антисемитизмот со седиште во Берлин.
Бројот на инциденти останува постојано висок од 7 октомври 2023 година и продолжува да влијае врз животите на еврејскиот народ, се вели во годишниот извештај. Во документот се додава дека антисемитизмот поврзан со Државата Израел сочинува 68 проценти од сите инциденти.
Податоците за 2025 година се за 98 случаи повисоки отколку во 2024 година, а билансот вклучува 178 физички напади и 257 случаи што вклучуваат закани. За споредба, во текот на 2022 година се регистрирани 2.480 инциденти.
Меѓу документираните случаи, се издвојува инцидент во Кел, град на западната граница во близина на Стразбур, каде што четворица членови на еврејската заедница беа навредувани и плукнати пред молитвен објект.
Во централната покраина Хесен, рабин бил нападнат во супермаркет пред неговите деца, турнат и му бил одземен мобилниот телефон, а сторителите го споменале Израел за време на нападот.
Во извештајот се забележани и четири случаи на екстремно насилство, вклучително и терористички напад врз Споменикот на убиените Евреи од Европа во Берлин.
Претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер, истакна дека овој биланс изнесува околу 24 инциденти дневно. Ова не се статистички исклучоци, туку суровата реалност во Германија. Годишниот извештај јасно покажува дека сме сведоци на консолидација на антисемитизмот на рекордни нивоа, наместо негово ублажување, се вели во соопштението на Шустер.
Подготвено од А.Ѓ.