17.06.2026 Скопје
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ги повика Европската Унија и Соединетите Американски Држави да ја продлабочат соработката во областа на вештачката интелигенција (ВИ), нагласувајќи дека двете страни имаат комплементарни предности и заеднички интерес да им обезбедат на граѓаните и компаниите безбеден пристап до најнапредните технологии за ВИ.
Зборувајќи за време на работниот ручек на самитот на Г7 во Евиан, фон дер Лајен оцени дека САД и Европската Унија треба да бидат силни партнери во развојот и примената на вештачката интелигенција.
„Напредните модели на вештачка интелигенција развиени во Соединетите Американски Држави нудат невидени можности, додека Европската Унија развива динамичен екосистем на иноватори и станува водечки пазар за примена на индустриска вештачка интелигенција“, рече фон дер Лајен.
Таа додаде дека е во интерес на двете страни граѓаните и бизнисите од двете страни на Атлантикот безбедно да ги користат најнапредните модели на вештачка интелигенција.
Фон дер Лајен нагласи дека Европа не претставува безбедносен ризик за Соединетите Американски Држави, туку економска можност и сигурен партнер.
„Европа претставува економска можност, а не безбедносен ризик. Ние сме и ќе останеме доверлив партнер. Затоа мора да соработуваме кога станува збор за нови моќни модели на вештачка интелигенција“, рече таа.
Нејзините изјави дојдоа откако американската администрација минатата недела воведе нови ограничувања со кои им се забранува на странските државјани пристап до најнапредните модели на вештачка интелигенција на „Антропик“, наведувајќи ја националната безбедност.
Во исто време, Европската комисија веќе неколку недели е во преговори со „Антропик“ за нивниот модел на вештачка интелигенција „Митос“, што предизвика загриженост за можни ризици по сајбер безбедноста.
Според портпаролот на ЕК, нов состанок меѓу претставниците на Комисијата, „Антропик“ и Агенцијата на Европската унија за кибербезбедност е закажан за четврток во Сан Франциско.
Подготвено од А.Ѓ.