evropski-parlament

29.06.2026 Скопје

Земјите кандидати за членство во Европската Унија би можеле да добијат дел од европските бенефиции дури и пред формално да станат членки, според новиот план што се подготвува во Брисел.

Идејата е дека процесот на проширување не треба да остане само долго чекање за политичка одлука, туку кандидатите кои спроведуваат реформи постепено да добиваат пристап до економски механизми, средства и делови од единствениот европски пазар.

Според соопштението, владите на ЕУ разгледуваат начини за забрзување на процесот на проширување без намалување на критериумите за прием.

Планот, како што е наведено, е дел од концептот на постепена интеграција.

Наместо земјите-кандидатки да чекаат до крајот на процесот на пристапување за да добијат конкретни придобивки, Брисел разгледува модел во кој напредокот во реформите би бил награден со поголем пристап до европските програми, фондови и делови од единствениот пазар.

Новиот модел би се базирал на принципот „повеќе за повеќе“. Земјите што ќе покажат поголем напредок во реформите и усогласувањето со европските стандарди би добиле поголем пристап до програмите и механизмите на ЕУ.

Можните придобивки вклучуваат пристап до делови од европскиот единствен пазар, учество во европските програми, економска поддршка, преференцијални трговски односи и користење на одредени европски инструменти дури и пред формалното членство.

Идејата е земјите-кандидатки да не мора да чекаат со години без видлив резултат, туку процесот да донесе конкретни ефекти дури и пред конечната одлука за прием.

Но, моделот не значи полноправно членство. Земјите-кандидатки би можеле да добијат економски и институционални придобивки, но не и целосен политички статус во Унијата. Ова значи дека тие би биле поблиску до европскиот систем, но без правата што ги имаат земјите-членки, особено кога станува збор за донесување одлуки.

Во најавите за предлогот се наведува дека Франција и Германија поддржуваат слични идеи за ограничена или постепена интеграција на земјите што се соочуваат со долг процес на пристапување. Целта е да се најде политички прифатлив механизам и за кандидатите и за земјите-членки: кандидатите да постигнат видлив напредок, без ЕУ да го покренува прашањето за пристапување пред да се исполнат сите услови.

Според неофицијален документ презентиран од Франција и Германија на самитот во Тиват на почетокот на јуни оваа година, исполнувањето на одредени критериуми за пристапување би било наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и можност за испраќање набљудувачи во европските институции.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на форумот во Дубровник се осврна на овие иницијативи за постепена интеграција на земјите-кандидатки во Европската Унија.

Тој оцени дека тие можат да бидат значајна алатка, но само ако претставуваат мост кон полноправно членство.

– Доколку новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш тој ќе биде исклучително корисен. Сепак, мора да внимаваме да не стане алатка што ќе создаде трајна чекалница без врата кон полноправно членство – рече Муцунски.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, потсети дека на самитот во Тиват, со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон разговарал за можностите за обезбедување стимулации за европскиот пат на земјите од Западен Балкан.

Според Мицкоски, сегашниот модел на европска интеграција не ги зема предвид различните позиции во кои се наоѓаат земјите од регионот. Тој посочи дека една од опциите е поголем фокус на Агендата за реформи и Планот за раст.

– Можеби е доволно да се најде некој друг механизам како што се Агендата за реформи или Планот за раст, и на овој начин да се обезбеди практично охрабрување и поддршка на земјите од Западен Балкан. Тоа беше мојот предлог што го изнесов на тие билатерални средби и мислам дека привлеков внимание – рече Мицкоски.

Премиерот, исто така, рече дека не очекува промена во рамката за европскиот интегративен пат на Македонија, но посочи дека предлогот од Франција и Германија би можел да ја забрза интеграцијата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author