09.06.2026 Скопје
Околу 80 проценти од цигарите и другите производи што содржат никотин консумирани во Австралија минатата година биле нелегални, според анализата на Австралискиот завод за статистика (ABS), која за прв пат ја проценила големината на брзорастечкиот црн пазар.
И покрај значителниот пад на потрошувачката на легални тутунски производи, вкупната потрошувачка на никотин се зголемила за речиси 40 проценти помеѓу 2017 и 2025 година, покажува анализата, и се проценува дека државата губи помеѓу 7,7 милијарди и 11,8 милијарди долари преку избегнување на акцизниот данок.
Според анализата, уделот на тутунот од нелегални извори се зголемил од 12 проценти во 2017 година на 80 проценти во 2025 година, при што растот е предводен од нелегалните цигари, но и од електронските цигари и другите производи што содржат никотин.
Извештајот покажува дека цените на легалниот тутун се зголемиле речиси трипати од 2016 година, првенствено поради зголемувањето на акцизите, што, според експертите, го поттикнало брзиот развој на црниот пазар.
„Ова е огромен политички неуспех и бара радикално преиспитување“, рече криминологот од Универзитетот Дикин, Џејмс Мартин, додавајќи дека не е можно да се реши проблем од ваков обем преку репресија.
Австралија е меѓу земјите со највисоки цени на цигарите во светот, при што даноците на тутун се зголемија за повеќе од 200 проценти во последните десет години. Пакет од 25 цигари што се продаваат легално чини повеќе од 50 долари, додека нелегалните цигари можат да се купат за околу 25 долари и најчесто се увезуваат од Азија и Блискиот Исток.
Додека некои експерти и опозицијата се залагаат за намалување на акцизите за ограничување на црниот пазар, владата на премиерот Ентони Албанезе го отфрла таквиот пристап и се фокусира на зголемена контрола и борба против нелегалната трговија.
Запрашан за повиците за намалување на акцизите, австралискиот министер за финансии Џим Чалмерс рече дека е скептичен дека таков потег ќе ги донесе очекуваните резултати.
Подготвено од А.Ѓ.