05.06.2026 Скопје
Извршниот директор на „Најк“, Елиот Хил, претстави нова стратегија за закрепнување на иконскиот спортски бренд, нагласувајќи дека враќањето кон корените и фокусот на спортските перформанси се клучни за иднината на компанијата.
За време на годишната прослава на брендот, тој изјави дека „Најк“ во последниве години е премногу посветен на модата и начинот на живот, додека историските податоци покажуваат дека компанијата бележи најголем раст кога е цврсто вкоренета во сферата на иновациите поврзани со спортот, објавува „Фокс бизнис“.
Хил, кој го презеде кормилото на компанијата во 2024 година, се осврна и на проблематичните деловни потези од минатото, истакнувајќи дека прекумерниот број онлајн промоции и попусти негативно влијаеле врз профитабилноста во малопродажните продавници.
Акциите на „Најк“ паднаа за 30 проценти од почетокот на годината, додека индексот S&P 500 порасна за 11 проценти, но Хил рече дека компанијата не се управува на краток рок за еден или два квартала, туку поставува темели за стабилен раст во следните две децении.
Компанијата планира големи партнерства во светот на спортот, вклучувајќи долгорочен договор со НБА и спонзорство на дури 12 национални тимови кои се натпреваруваат на претстојното Светско првенство, вклучувајќи ги САД, Франција и Бразил.
„Најк“ веќе започна нова рекламна кампања во која се појавуваат ѕвезди како фудбалерот Кристијано Роналдо, раперот Тревис Скот и комичарот Џејсон Судеикис за дополнително да ја засили атмосферата пред првенството.
Подготвено од А.Ѓ.