05.06.2026 Скопје
Лидерот на СНСД, Милорад Додик, изјави дека Руската Федерација денес е „несомнено носител на нова цивилизација“, не само политичка, туку и културна, технолошка и економска, нагласувајќи дека е потребно понатамошно продлабочување на односите меѓу Република Српска и Русија.
Додик изрази задоволство од учеството на овој настан, на кој делегацијата на Република Српска, како што потсети, учествува повеќе од 15 години.
Тој оцени дека присуството на форумот придонело за поголема видливост на Република Српска во политичките и деловните кругови во Русија, како и во другите земји учеснички на овој собир, кој го оцени како еден од најзначајните на глобално ниво.
Додик, исто така, ја најави можноста Република Српска да стане презентер на овој форум во наредните години, што, како што рече, би претставувало важен чекор во промовирањето на нејзиниот економски потенцијал и меѓународни контакти.
Зборувајќи за глобалните околности, тој оцени дека Русија покажува способност да се справи со, како што наведе, „неоправданите санкции од Западот“, нагласувајќи дека Република Српска се залага за продлабочување на соработката со Москва.
Додик повтори дека Република Српска води политика на зачувување на својата автономија и своите надлежности во рамките на Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека нејзина цел е стабилност, мир и независно донесување одлуки.
Тој додаде дека Република Српска е изложена на политички притисок, но дека е посветена на дијалог, оценувајќи дека балканскиот регион е нестабилен на долг рок и под силно влијание на меѓународните фактори.
Зборувајќи за односите со Европската Унија и НАТО, Додик го повтори својот став дека Република Српска не сака членство во воени сојузи и останува посветена на воена неутралност, а во исто време инсистира на добри односи со Русија.
Тој нагласи дека, според него, Русија континуирано ја поддржува Република Српска, првенствено политички и преку почитување на Дејтонскиот договор, и изрази благодарност за таа поддршка.
Подготвено од А.Ѓ.