02.06.2026 Скопје
Американската технолошка компанија „Мета“ објави дека воведува построги мерки за заштита на тинејџерите на своите платформи „Инстаграм“, „Фејсбук“ и „Месинџер“.
Компанијата изјави дека стандардните поставки за корисници под 18 години автоматски ќе го ограничат гледањето содржини што се сметаат за несоодветни за нивната возраст.
Овие политики за прв пат беа воведени во Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Австралија и Канада минатата година, а сега ќе бидат достапни низ целиот свет. Новите поставки „13+“ се дизајнирани да филтрираат содржина во објави, кратки видеа и препораки што ги добиваат корисниците.
На Фејсбук, дополнително ќе се ограничи интеракцијата со профили, групи и страници што објавуваат содржина што се смета за несоодветна за тинејџери, додека на Месинџер, ќе се намали можноста за пристап до таква содржина преку линкови и разговори.
Построга опција наречена „Ограничена содржина“ ќе биде воведена подоцна оваа година, наменета за родители кои сакаат дополнителни ограничувања на сметките на своите деца. Компанијата, исто така, тестира нова функција на Инстаграм која треба да обезбеди поголема разновидност на содржини што тинејџерите ги гледаат во своите препораки, објави и видеа.
Целта е да се избегне ситуација во која алгоритмот континуирано прикажува голем број објави на истата тема, наведува „Мета“ на својата веб-страница.
Според компанијата, одредени теми како што се исхраната, вежбањето или советите за справување со анксиозноста можат да бидат корисни, но тие не треба да доминираат во корисничкото искуство.
„Мета“ исто така ги подобри своите системи за идентификување на сметки кои редовно објавуваат содржина несоодветна за помладите корисници и дополнително го ограничи прикажувањето видеа што промовираат опасни предизвици, вклучувајќи го и трендот познат како „сурфање по автомобили“.
Подготвено од А.Ѓ.