DECA

02.06.2026 Скопје

Агенцијата на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) предупреди дека зголемените трошоци за транспорт на глобално ниво и прекините во синџирите на снабдување поврзани со кризата на Блискиот Исток ја загрозуваат испораката на хуманитарна помош што спасува животи за децата.

УНИЦЕФ соопшти дека сè повеќе се потпира на воздушниот транспорт поради доцнења во поморскиот транспорт.

Само во првиот квартал од оваа година, агенцијата речиси ги исцрпи своите годишни донации од логистичките партнери кои обезбедуваат чартер летови, бидејќи мораше да достави помош во Либан и Газа поради доцнења во транспортот од четири до шест недели.

„Ова е без преседан“, изјави за новинарите Жан-Седрик Моз, директор на УНИЦЕФ за глобален транспорт и логистика.

УНИЦЕФ, исто така, се потпира на воздушниот транспорт за да одговори на епидемијата на ебола во Демократска Република Конго, бидејќи пристаништата во Момбаса и Дар ес Салам остануваат пренатрупани.

Агенцијата на ОН за деца проценува дека некои испораки сега се одложуваат и до шест месеци.

Како што рече Меус, пренасочувањето на пратките околу ’Ртот Добра Надеж го продолжува времето на испорака за дополнителни две до четири недели.

УНИЦЕФ соопшти дека неговиот буџет за транспорт во Мали се зголемил за 36 проценти во првиот квартал од оваа година, принудувајќи ја организацијата да донесе тешки одлуки помеѓу намалување на испораките на терапевтска храна подготвена за јадење за лекување на неухранетост или финансирање на други области, како што се програмите за вода и санитација.

Цената за транспорт на овие пакети со храна по пат од производителите во Кенија до Сомалија, Јужен Судан и Демократска Република Конго се зголеми за 30 проценти.

Агенцијата, исто така, пријави дополнителен трошок од 200.000 долари за пренасочување на пратката шприцеви наменети за кампањата за вакцинација против детска парализа во Нигерија, што претставува зголемување од 56 проценти на трошоците за транспорт.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author