22.06.2026 Скопје
Европската Унија направи нов чекор во своето проширување кон исток. Украина и Молдавија го отворија првиот преговарачки кластер, таканаречениот кластер „Фундаментални вредности“, со што нивниот европски пат се насочи кон посериозна и оперативна фаза.
За Киев и Кишињев, ова е политичка потврда дека нивната иднина е во Унијата. За Македонија, пак, истата вест повторно го отвора прашањето што тивко лежи зад секоја европска порака испратена до Скопјe: колку долго може да се одржи довербата во процес кој е формално жив, но политички стагнира?
Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Во меѓувреме, го промени уставното име, се приклучи на НАТО, помина низ неколку политички кризи, ја имаше својата прва меѓувладина конференција со ЕУ и го заврши скринингот. Сепак, отворањето на првиот кластер останува блокирано поради барањата за уставни измени, имено вклучувањето на Бугарија во Преамбулата.
Токму тука се создава простор за разочарување, и на граѓаните, оправдано или не, им е сè потешко да веруваат дека процесот зависи само од реформи, институции и исполнување на критериуми.
Подготвено од А.Ѓ.