eu i mkd

03.06.2026 Скопје

Министерката за финансии на Северна Македонија, Гордана Димитриеска-Кочоска, денес изјави дека еврообврзницата за 2020 година во износ од 700 милиони евра е предвремено отплатена, со што се заштедени 3,2 милиони евра.

На прес-конференција во Владата на Северна Македонија, Димитриеска-Кочоска рече дека сите средства потребни за отплата на еврообврзницата биле однапред планирани и обезбедени и нагласи дека отплатата се спроведува според планираната динамика.

„Денес официјално беше завршена исплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра. Со ова, целосно ја исполнивме оваа обврска кон инвеститорите. Средствата ни беа исплатени минатата недела, а денес веќе пристигнаа на сметките на инвеститорите“, изјави министерот за финансии на Северна Македонија.

Таа потсети дека во февруари годинава, дел од еврообврзницата за 2020 година во износ од 383,7 милиони евра беше предвреме отплатен.

„Нашата цел беше средствата обезбедени преку еврообврзницата издадена во јануари 2026 година да ги искористиме за предвремен откуп и со тоа да постигнеме заштеди на камата. На овој начин заштедивме 3,2 милиони евра во буџетот“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека ова е дел од пошироките активности што Министерството за финансии на Северна Македонија континуирано ги презема за да обезбеди навремено и редовно сервисирање на сите државни обврски.

„Од втората половина на 2024 година, кога ја презедовме одговорноста за управување со јавните финансии, до денес се сервисирани обврски во вкупен износ од 4,556 милијарди евра. Девет милијарди евра треба да се отплатат во наредниот период, а процесот на внимателно управување со обврските ќе продолжи“, изјави министерката за финансии на Северна Македонија, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author