04.06.2026 Скопје
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од групата на Европската народна партија, по вчерашниот состанок на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) во Европскиот парламент, на кој беше усвоен извештајот на известувачот за Македонија, Томас Вајц, за напредокот на земјата, изјави дека е време Скопјe да престане да го користи „лошиот источен сосед“ како изговор и да ја префрла одговорноста врз Бугарија.
– Убеден сум дека во Скопје многу добро разбираат што треба да направат – да почнат да ја спроведуваат преговарачката рамка што самите ја усвоија и која е основа на нивниот европски пат. Време е да престанат да го користат „лошиот источен сосед“ како удобен изговор и да ја префрлаат сопствената одговорност на Бугарија. Вистината е јасна – нема вето од Бугарија. Постојат европски услови, договорени и прифатени од сите земји-членки, вклучително и самата Северна Македонија. Додека не се исполнат овие обврски, не може да има напредок кон членство. Не поради Бугарија, туку поради одбивањето на владата во Скопје да ги спроведе обврските што ги презеде – рече Ковачев откако Комитетот гласаше за извештајот за напредокот на Македонија.
Тој рече дека европската интеграција бара реформи, спроведување на обврските и почитување на добрососедските односи.
– Европската интеграција бара реформи, спроведување на преземените обврски и почитување на добрососедските односи. Сè друго е обид да се одвлече вниманието од вистинскиот проблем – рече Ковачев.
Вчера, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го усвои извештајот за Македонија со 43 гласа „за“ и 17 „против“, во кој се наведува дека напредокот во реформите е недоволен и дека во земјата постои силна политичка поларизација. Европратениците предупредија на опасноста од малигно надворешно мешање и кампањи за дезинформации.
Усвоени се 11 компромисни амандмани, чија содржина сè уште не е објавена, како и два амандмани од бугарските европратеници со кои се бараат резултатите од историската комисија со Бугарија и спроведувањето на протоколот.
Подготвено од А.Ѓ.