meta

04.06.2026 Скопје

Австралија планира да воведе нов данок на платформите на социјалните медиуми кои користат вести за финансирање на медиумите, а Мета веднаш го критикуваше законот како „крајно неправеден“.

„Нашиот став е јасен: Овој закон е лошо осмислен, крајно неправеден и нема да успее да обезбеди разновидна и одржлива новинска индустрија“, соопшти „Мета“, матичната компанија на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Ватсап“, вредна 1,6 трилиони долари.

Негативните реакции следеа по предложениот австралиски план за стимулации за бизнис вести (NBI), според кој Канбера би вовела данок на „Мета“, „Гугл“ и „ТикТок“.

„Приходите собрани со оваа мерка ќе бидат распределени до локалните медиуми врз основа на бројот на новинари што ги вработуваат“, соопшти Австралиската јавна радиодифузна служба.

Според предлогот на лабуристичката влада, Мета ќе биде должна да склучува договори со локалните медиумски организации или ќе се соочи со даноци до 2,25% од своите приходи во Австралија, првата земја во светот што го забрани пристапот до социјалните медиуми за деца под 16 години.

Технолошкиот гигант вели дека законот ќе го направи австралиското новинарство зависно од владини субвенции и ќе направи малку за да им помогне на помалите медиуми и независните новинари.

Порано во 2024 година, „Мета“ се повлече од договорот постигнат во 2021 година и ги затвори „Фејсбук новински услуги“ во Австралија.

„Предложениот план ги крши обврските што Австралија и САД ги презедоа во нивниот билатерален договор за слободна трговија“, соопшти компанијата.

Мета смета дека ова е „дискриминаторски данок со ретроактивно дејство“, насочен само против неколку странски компании, додека „конкурентите што нудат слични услуги немаат таква обврска“.

Тие истакнуваат дека гигантите како „Мајкрософт“, „Снепчет“ и „ОпенАИ“ наводно се исклучени од оваа мерка.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author