04.06.2026 Скопје
Во 2025 година, во Македонија се склучени 10.507 бракови, што е намалување од 5,1 процент во споредба со претходната година, според Државниот завод за статистика. Во истиот период се регистрирани 2.185 разводи, или 8 проценти повеќе од претходната година.
Најголем број бракови е регистриран во август — 1.362, што е 13 проценти од вкупниот број бракови. Најмал број бракови е регистриран во март, кога се регистрирани 473 бракови, или 4,5 проценти.
Податоците покажуваат дека најчестиот брак е првиот брак. Кај жените, првиот брак учествува со 92,8 проценти, а кај мажите со 92,1 процент. Мажите имаат поголема веројатност да стапат во втор и трет брак – вториот брак учествува со 7,1 процент, а третиот брак со 0,8 проценти од вкупниот број бракови.
Просечната возраст при склучување на прв брак е 27,5 години за невестата и 30,2 години за младоженецот.
Според возраста, најмногу бракови во 2025 година се склучени во возрасната група од 25 до 29 години. Кај жените во оваа група се регистрирани 3.448 бракови, или 32,8 проценти, а кај мажите 3.750 бракови, или 35,7 проценти.
Сепак, најголем број разводи бил во возрасната група од 35 до 39 години. Кај жените се регистрирани 400 разводи, или 18,3 проценти, а кај мажите 381 развод, или 17,4 проценти.
Според времетраењето на бракот, најмногу разводи се случиле помеѓу 5 и 9 години по склучувањето на бракот. Во оваа категорија се регистрирани 478 разводи, што претставува 21,9 проценти од вкупниот број на разводи.
Подготвено од А.Ѓ.