Image by wirestock on Freepik

30.06.2026 Скопје

Транспортната инфраструктура во Европа, Северна Америка и Централна Азија ќе мора да се прилагоди на сè понеповолните климатски услови, предупреди денес Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ), проценувајќи дека трошоците за непреземање мерки би можеле да бидат поголеми од инвестициите во прилагодувањето кон климатските промени.

Во извештајот објавен во Женева се наведува дека патиштата, железниците, внатрешните водни патишта, пристаништата и аеродромите ќе бидат сè повеќе изложени на поплави, екстремна топлина, намалување на снежната покривка, мраз и пермафрост и зголемување на нивото на морето помеѓу 2050 и 2080 година.

UNECE, која ги обединува 56 земји од Европа, Северна Америка, Кавказ и Централна Азија, ги идентификуваше клучните мрежи за внатрешен транспорт на кои им е потребно посебно внимание.

Извршниот секретар на UNECE, Татјана Молчеа, предупреди дека нарушувањата во функционирањето на транспортната инфраструктура би можеле да имаат сериозни последици за населението и да предизвикаат големи финансиски загуби.

„Екстремните временски настани повеќе не се ризик за иднината, туку реалност на денешницата“, рече Молсеан.

Во извештајот се наведува дека топлотните бранови предизвикуваат сè поголеми штети на патиштата и железниците, дека транспортната инфраструктура и патиштата се сè повеќе погодени од поплави, додека силните ветрови го отежнуваат работењето на пристаништата и аеродромите.

Портпаролот на УНЕЦЕ, Жан Родригез, изјави дека неодамнешниот бран на екстремна топлина во Западна Европа покажал како климатските ризици можат да влијаат врз транспортната инфраструктура.

Тој ги наведе доцнењата и откажувањата на возовите поради деформација на шините, дефектите во системите за климатизација во возовите, како и проблемите со каблите и сигнализацијата како последици од високите температури во железничкиот сообраќај.

Според извештајот, инфраструктурата во густо населените сливови на големите европски реки, како што се Дунав, Рајна и Волга, ќе биде особено изложена на ризик од поплави.

Исто така, се проценува дека помеѓу 71 и 89 проценти од светските пристаништа ќе бидат изложени на екстремни морски бури до крајот на векот.

Во извештајот се наведува дека навремената адаптација би можела да ги преполови трошоците поврзани со климатските промени.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author