30.06.2026 Скопје
Германските граѓани кои бараат нов стан се соочуваат со рекордно зголемување на кириите, бидејќи кириите во големите градови пораснале речиси четири пати побрзо од реалните плати, според најновиот извештај на порталот за недвижности „Имовелт“.
Според официјалните податоци, платите во Германија бележат кумулативен раст од само 5,1 процент во последните три години, додека цените за изнајмување недвижности во некои метрополи скокнаа и до 20 проценти.
Хамбург бележи најголемо зголемување на цените за изнајмување, кои се зголемија за 20,2 проценти од 2023 година.
Високи стапки на раст се забележани и во Дрезден (18 проценти) и Франкфурт на Мајна (17,7 проценти).
Аналитичарите предупредуваат дека трендот на раст на цените ги достигнал и секундарните пазари, односно градовите кои се сметале за попристапни, како што се Дуизбург (16 проценти) и Есен (15,4 проценти).
Минхен продолжува да биде најскапиот пазар во земјата, каде што просечната рекламирана нето кирија (без комуналните трошоци) е рекордни 21,44 евра за квадратен метар, што значи дека изнајмувањето просечен стан од 75 квадратни метри месечно денес чини околу 218 евра повеќе отколку пред три години.
Значително зголемување на фиксните месечни цени за кирија е забележано и во Франкфурт (190 евра) и Хамбург (175 евра).
Кризата со домувањето во Берлин е исто така алармантна и стана политичко прашање пред изборите за Претставничкиот дом, кои се закажани за три месеци.
Иако цените за изнајмување во главниот град растеа побавно отколку во другите метрополи (11,9 проценти), просечната цена по квадратен метар достигна 14,39 евра.
Бидејќи просечните плати во Берлин се под федералниот просек, експертите предупредуваат дека ова зголемување на цените директно го загрозува егзистенцијалниот минимум на повеќето домаќинства.
Клучната причина за хроничното зголемување на цените се наведува како сериозен недостиг на домување и колапс во секторот за нова градба.
Поради високите трошоци за градежни материјали, зголемените каматни стапки и долгите административни процедури, во Германија во 2025 година беа завршени само 206.600 станови.
Ова претставува пад од 18 проценти во однос на претходната година и историски минимум, што ја остава Германија далеку од официјално прогласената цел на федералната влада за изградба на 400.000 нови станбени единици годишно.
„Ладна кирија“ (Kaltmiete) ја претставува само цената на просторот, додека „топла кирија“ (Varmmiete) е последната месечна сметка, вклучувајќи греење и комунални услуги.
Бидејќи, според Федералниот завод за статистика, просечната нето плата во Германија е помеѓу 2.600 и 2.800 евра месечно, трошоците за домување во метрополитенските области сочинуваат повеќе од половина од просечниот приход.
Подготвено од А.Ѓ.