EU Foreign ministers Council meeting

epa11920569 EU High Representative for Foreign Affairs and Security Policy Kaja Kallas attends an EU Foreign Affairs Council meeting in Brussels, Belgium, 24 February 2025. On the third anniversary of Russia's full-scale invasion of Ukraine, EU Foreign Affairs Ministers will discuss Russia's aggression against Ukraine. EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

08.06.2026 Скопје

Воените бродови на Европската Унија добија овластување да запираат и проверуваат танкери поврзани со руската таканаречена „флота во сенка“ во Средоземното Море, потврди високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, по неформалниот состанок на министрите за одбрана што се одржа денес.

Оваа одлука беше донесена како дел од поморската операција ИРИНИ, мисија на Европската Унија започната во 2020 година со цел следење на усогласеноста со ембаргото за оружје на Обединетите нации за Либија.

Според Каласова, правилата за ангажман на мисијата се променети за да им се овозможи на европските сили да ги проверуваат бродовите за кои постои сомневање дека транспортираат руска нафта надвор од западните санкции и ограничувања на цените.

„Операцијата ИРИНИ ги промени правилата на ангажман и сега започна со качување на бродовите“, рече Каласова.

Таканаречената „флота во сенка“ на Русија вклучува танкери и други бродови што транспортираат руска нафта надвор од вообичаените системи за осигурување, регистрација и контрола што ги користат западните земји.

Европските претставници долго време предупредуваат дека ваквите бродови ѝ овозможуваат на Москва да продолжи да остварува значителни приходи од извозот на енергија и покрај санкциите воведени по почетокот на војната во Украина.

Покрај економскиот аспект, ЕУ ги истакнува и безбедносните ризици што ги претставуваат постарите и честопати лошо одржувани танкери што пловат без транспарентна евиденција за сопственост и осигурување. Експертите предупредуваат дека евентуалните дефекти на ваквите бродови би можеле да предизвикаат сериозни еколошки последици во чувствителните морски подрачја како што е Медитеранот.

Каласова нагласи дека целта не е само да се реагира на поединечни инциденти, туку и да се воспостават заеднички европски стандарди во борбата против мрежите што овозможуваат извоз на руска нафта.

Како што изјави таа, земјите-членки ќе разменуваат искуства и најдобри практики со цел дополнително да ги ограничат изворите на финансирање на руските воени активности.

Одлуката за проширување на мандатот на операцијата ИРИНИ се смета за нов чекор од страна на ЕУ кон поактивно спроведување на санкциите на море.

Еден претходен пример е акцијата на француската морнарица, која неодамна го заплени танкерот ТАГОР, брод што плови под знамето на Мадагаскар и наводно е поврзан со руската „флота во сенка“.

За време на состанокот, европските министри за одбрана разговараа и за идната Европска безбедносна стратегија, бидејќи Брисел се стреми дополнително да ја зајакне својата улога во заштитата на морските патишта и енергетската безбедност на континентот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author