01.06.2026 Скопје
Јапонската премиерка Санае Такаичи денес, за време на телефонски разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, побара да се обезбеди слободно и безбедно минување на бродовите низ практично затворениот Ормутски Теснец.
Јапонската премиерка им изјави на новинарите дека во разговорот изразила „силна надеж“ дека иранската страна ќе покаже најголема можна флексибилност и дека што е можно поскоро ќе се постигне договор со САД.
Такаичи и Пезешкијан разговараа по трет пат откако започна конфликтот во Иран кон крајот на февруари, а јапонската премиерка рече дека таа и иранскиот претседател се согласиле да продолжат со блиската комуникација.
Јапонија, која има недостиг од природни ресурси, е во голема мера зависна од увозот на суровини од Блискиот Исток, вклучително и сурова нафта, а значителен дел од тие пратки минуваат низ Ормутскиот теснец, еден од клучните светски енергетски транспортни центри.
Разговорот се одржал во време на неизвесност околу мировните преговори меѓу САД и Иран.
Според медиумските извештаи, двете страни се стремат да го изменат меморандумот за разбирање за продолжување на прекинот на огнот за 60 дена, и покрај тврдењата од извори од американската администрација дека преговарачите во голема мера се согласиле за текстот на документот уште минатиот четврток.
Подготвено од А.Ѓ.