ERDOGAN

10.06.2026 Скопје

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Израел повеќе не претставува закана само за Блискиот Исток, туку и за целото човештво, оценувајќи дека меѓународната заедница се однесува кон израелските политики како, како што рече, некогаш се однесувала кон злосторствата на Адолф Хитлер.

Ердоган, обраќајќи се пред пратениците на владејачката Партија на правдата и развојот, рече дека израелското „бандитство“ мора да се запре пред последиците од таквата политика да станат товар за целиот свет.

„Израел претставува закана за нашиот регион и за целото човештво. Охрабрен од тишината на меѓународната заедница, тој дејствува со крајна дрскост“, рече турскиот претседател.

Според него, враќањето на Израел во меѓународното право повеќе не е прашање на поединечни држави, туку заедничка одговорност на целата планета. Ердоган оцени дека молчењето и неактивноста на светот пред 85 години го отвориле патот за катастрофа во која загинаа милиони луѓе, додавајќи дека денес, тврди тој, се покажува слична рамнодушност кон страдањето на Палестинците во Појасот Газа.

Турскиот претседател повторно остро го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот кабинет, обвинувајќи ги за политики кои, како што рече, довеле до уништување на Газа и ширење нестабилност во Сирија, Либан и источниот Медитеран.

Ердоган предупреди дека израелските напади врз Сирија и Либан повеќе не се проблем само за тие земји, туку и директен безбедносен предизвик за Турција.

„Безбедноста на Турција не започнува во Хатај, туку во Алепо, Дамаск и Бејрут“, рече Ердоган, додавајќи дека Анкара нема да молчи пред потезите што, како што рече, ги загрозуваат нејзините интереси и стабилноста на соседните земји.

Тој ги повика европските земји да покажат „храброст и здрав разум“, наведувајќи ја како пример Шпанија, која е меѓу најострите критичари на израелската операција во Газа. Турскиот претседател рече дека земјите што молчат пред настаните во Газа ќе сносат политичка и морална одговорност.

Анкара е еден од најгласните критичари на Израел од почетокот на војната во Газа. Во ноември 2023 година, Турција го повика својот амбасадор од Тел Авив на консултации, а потоа ги суспендираше трговските односи со Израел. Ердоган постојано ги нарекуваше дејствијата на Израел во Газа геноцид и го споредуваше Нетанјаху со Хитлер.

Во исто време, Турција продолжува да го поддржува палестинското движење Хамас, кое Анкара не го смета за терористичка организација, додека Израел, САД и Европската Унија го сметаат тоа.

Турскиот лидер, исто така, го повтори ставот дека трајното решение на кризата на Блискиот Исток мора да вклучува формирање на независна палестинска држава во границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author